31.`Поетска ноќ во Велестово - Џери Марфи`

 Џери Марфи е роден во Корк, Република Ирска, во 1952 година, каде што сѐ уште живее. Негови последни објавени стихозбирки се: Муза (Дедалус прес, 2015) и Мојот живот како сталинист (Саутворд едишнс, 2018). А неговите нови и избрани песни под наслов Крај на првиот дел (Дедалус прес, 2006) и Моето флертување со интернационалниот социјализам (Дедалус прес, 2010) се исто така едни од неговите позначајни дела.
 
 
 
 
ОХРИД
 
за Јулијана Величковска
 
Јазик врз езерото
ја лока историската осека
уште од времето на Александар.
 
 
 
 
СПАСЕНИЕ
 
за Били и Алва
 
Вечерва не можам да спијам,
мислам на Свети Наум
во неговиот манастир
на брегот на Охридското Езеро.
Запечатен во својата гробница
уште од десеттиот век,
трпеливо чекајќи го воскресението.
Сепак, кога ќе го притиснете вашето уво
на надгробната плоча
и внимателно слушате,
можете да го чуете неговото срце,
како сѐ уште бие по сите овие години.
Зошто бе, да го ебам, никој
не викнал брза помош?
 

 
НА СВОЈАТА СМРТНА ПОСТЕЛА
ДЕДО МИ МИ УКАЖУВА НА
ОПАСНОСТИТЕ ОД ЛИТЕРАТУРАТА
 
„Книгите!“
заржа дедо ми,
„се бескрвна замена за животот.“
Густото сино мастило во неговите вени
се згрутчуваше среќно
во запирки, точки и запирки
и две точки,
кон ненадејна и величествена
точка.
 
 
 

 
НОВИ ЧЕВЛИ
 
 
„Престани да ги удираш камењата,
ќе си ги изгребеш новите чевли!“
Се враќаме дома од миса,
а јас се обидувам да го постигнам победничкиот гол
во финалето на светското првенство
што везден се игра во мојата глава
со секој разнишан камен на ридот
од капелата нагоре.
Мојот последен шут,
ја собра пајажината во горниот лев агол
на англискиот гол,
речиси откачувајќи го ретровизорот
од долгата црна лимузина,
што се лизга до нас во свечен молк,
по што татко ми збеснува:
„Погледни што ќе направеше за малку,
сакаш ли да ни направиш проблеми
со црквата?“
„Имаш ли поим кој е тоа?“
Од своеото луксузно кожено седиште,
бискупот се смешка и мавта,
мавта и се смешка.