Вечерва на ЛУНУС - „Растајнување на светлината“ – збирка хаи[на]ку, превртено хаи[на]ку и хаи[на]га од Дијана Петкова

 Вечерва, 14 август, од 20.30 часот, во „Култура 365“ во рамки на манифестацијата ЛУНУС  ќе се одржи промоцијата на „Растајнување на светлината“ – збирка хаи[на]ку, превртено хаи[на]ку и хаи[на]га од Дијана Петкова, издание на ПНВ Публикации.

Книгата содржи и илустрации од академскиот сликар Тони Шулајковски. Книгата ќе ја претстави Јулијана Величковска и самата авторка Дијана Петкова.

За книгата рекоа:

„Растајнување на светлината“ претставува богата збирка најсовремени експериментални поетски форми, стотина на број, сите разнолики и уникатни целини и сите мајсторски умешно „скоцкани“. Растајнување на светлината претставува првата и единствената книга хаинаку и превртено хаинаку во Македонија.“ – Елена Пренџова
 


 Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи. Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“, „Стожер“, а застапена е во антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“од Светлана Христова - Јоциќ (2012) и во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази (2016).
Досега ги издала збирките поезија „Стефанија“(1999), „Деца од свила“ (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013) , „Честичка свесност“ (2014), „Мамо што има за јадење?“ – хаику готвач за свесни мажи и жени (2016), „Енсо – Поврзување со целоста“ (2017) и „Поврзи се...“ – хаиги со фотографии изработени од Камелија Шојлевска (2018).
Организирала четириесет и седум самостојни изложби на реномираниот академски сликар м-р Тони Шулајковски и го менаџира неговото творештво. Во креативниот центар „Арс вивенди“, каде што е менторка во студиото за креативно пишување, организирала 13 завршни изложби и промовирала 5 книги. Живее и работи во Скопје.