31. `Поетска ноќ во Велестово` - Иван Џепароски

 Во пресрет на 31."Поетска ноќ во Велестово" , ви претставуваме мал дел од творештвото на Иван Џепароски, кому му е посветено годинашното издание на оваа манифестација.

 Нека биде најава, но и покана за сите читатели, во петок, на 16 август да се искачат на чардакот на небото и да уживаат во Поетската ноќ. 

ЗАВИСТ
 
Им завидувам на колегите
универзитетски професори
кои читаат на предавањата
од пожолтените листови
испишани пред многу години
кога тие биле млади.
 
Им завидувам на поповите
кои добро си ја познаваат
и наизуст си ја владеат
својата единствена книга,
без оглед што таа е
долговечна и света.
 
Им завидувам на политичарите
што единствено знаат
да ги повторуваат зборовите
од своите програми
со постојано навраќање
кон економијата, Европа и НАТО. 
 
Им завидувам на македонските
прочуени писатели кои освен
сопственото генијално дело,
и делата на истомислениците,
не прочитале ништо друго
а мислат дека сè си знаат.
 
Им завидувам на бизнисмените
што ги читаат Куељо и Ден Браун
како врв на книжевноста во светот
и со таквата лектира се фалат
низ седмичните семејни магазини
исполнети со возбудливи содржини.
 
Им завидувам на оние што возат
прескапи автомобили и џипови
а пепелниците ги испразнуваат
на улици пред семафори,
додека пластичните шишиња
ги фрлаат возејќи низ природа.
 
Им завидувам на сите оние
што купуваат (или добиваат)
најскапи билети за концерти
на музичари со светска слава,
а потем ракоплескаат меѓу ставовите
фаќајќи со нозете ритам.
 
Им завидувам на сите нив,
а се радувам и се чудам
како воопшто сум опстојал
и не сум станал досега еден од нив!

 
ЅВЕЗДЕНА НОЌ
(според сликата на Ван Гог, 1889)
 
 
Небото не знае
за никотинско труење.
Навечер, горе,
дузина догорчиња трепкаат.
 
Диск прелетува темнина
и пали светулки.
 
Задишана душа
кожени обетки обрабува
со правта од догорчињата.
Едната обетка е вишок!

 
ПЕТЕЛ
(според скулптурата на Константин Бранкуши, 1924/41)
 
Во сенката на великиот даб
петелот никогаш не ќе пропее.
Гласот негов нема да подрипне
од сјајот на прекрасното тело.
 
Ги гледа тој со восхит
извиените човечки гранки
мермерен бакнеж како творат.
Горделивец тој е и самец!
 
Да се водат кокошките,
не е воопшто лесно.
Гласот треба да е силен,
да му пречи дури и на Бога.
 
„Можен ли е Ахил
со олово и прав ...
Илијада со печатарска преса“.
Можен ли е петел,
 
излиен во бронза,
со гласот ѕвонец
предмети да буди.
Горделивец тој е и самец!
 
Кокошки со радост води.
Петел на петлите!
Потомок на грофот грозен,
Алкибијадски чувства дели.
 
Љубов внесува меѓу пердувести
и меѓу златести петли.

 
ПОСКОК
 
Се испружил поскок
на селскиот асфалт.
Ја впива пролетната
топлина што под него
тлее.
 
Од кривината
автомобил излетува
и го прелетува
цврстото тело.
Пршлените не додржуваат.
 
Секогаш кога мислиш
дека телото нешто
може да го
згрее,
крајот се наближува.



 
 Иван (Ивица) Џепароски (9 мај 1958, Скопје) е поет, филозоф, естетичар, критичар и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на дваесет и седум книги, и тоа: на шест поетски книги, на тринаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија, на две поетски антологии и на шест теориско-есеистички избори. За своето творештво ги има добиено наградите „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993) „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по Естетика и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија (2004-2009; 2013- ), раководител на постдипломските студии на овој институт (2009-2013) и секретар на Македонскиот П.Е.Н. Центар (1999-2001; 2008-2014). Се занимава и со превод: Вилијам Блејк, Џејмс Џојс, Јосиф Бродски, Дејвид Хјум, Едмунд Берк итн. Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на над дваесетина стански јазици во светот, а избори од неговата поезија се објавени во одделни книги во Бугарија, Србија и Романија. Неговата книга „Македонскиот есеј“ преведена е на англиски, француски, германски, руски, шпански и на кинески јазик (2011-2016), додека книгата „Уметничкото дело“ (2018) на албански јазик.