Млада охриѓанка болна од рак, државата ја одби за нега!

 Последниве 4 години охриѓанката Јана Арсовска се бори со немилосрдна болест, но и покрај трновитиот, жесток пат кој го поминува, државата не и излезе во пресрет и ја одби за нега.

 Јана има 33 години и е млада, енергична и позитивна личност која знае неколку јазици, и додека не се соочи со опасниот малиген тумор -  адултен неуробластом, работеше како туристички водич. Болеста ја спречи да работи и да заработува, а државата наместо да и излезе во пресрет на оваа млада девојка, го одби нејзиното барање за нега.
  • Многу интересна вест ме разбуди утрово, за неверување... имав поднесено документи за нега да земам од државава на следна основа, а и ми следува:
  • 2015- дијагностицирана со адултен неуробластом на 29 год. детска дијагноза, опасен малиген тумор за кого нема протокол официјален за возрасни. Примени 7 опасни хемотерапии + 10 дена строга изолација за MIBG терапија што во МК не постои + трансплантација на матични клетки (исклучително тежок период, месец дена изолација). Потоа следуваат контроли, но се работи за агресивен канцер и после година дена болеста ми се врати. Следува: 4 циклуси нови хемо + радиотерапија (и денес имам нус појави, ужасен дерматит / изгореници на десната нога, лимфен едем и со месеци одам со штаки) + втора трансплантација на матични клетки. Следен чекор се предлага имунотерапија, еден циклус чини околу 80 000 евра... + месеци во Германија, далеку од дома, од најблиските + панични напади + страв + пропуштам втора сезона да не ја работам поради нус појави кои не се воопшто наивни! И така, јас како човек со две трансплантации во година дена, неспособна за работа сеуште, што чекам резултати од биопсија во страв да не биде коскената срцевина уништена од ударно зрачење, МЕ ОДБИВААТ ЗА НЕГА! Мене, што 4 години од животов ги поминувам во болници. Не се жалам за тоа, таков пат ми одредил Бог и тој ќе ми даде сила за напред. Ќе водам јас уште многу тури, но сега, во овој момент за прв пат ВИСТИНСКИ чувствувам потреба да си заминам од тука. Македонијо,моја земјо прекрасна, те сакам бескрајно, но ако даде Бог ќе те напуштам. Амбициозна сум, зборам неколку странски јазици, вредна... само да оздравам и би сакала да заминам во некоја друга земја, можеби поправедна! Барем се надевам!!! – напиша Јана во својот фејсбук статус.
Голготата на Јана која трае последниве 4 години, се надеваме дека за скоро ќе заврши и оваа млада и ведра девојка ќе има многу причини за уште повеќе да биде насмеана и гордо да се исправи пред нови почетоци.



По објаввувањето на  статусот, лавина реакции следуваа на социјалните мрежи, граѓаните се полни со бес и неверување како може институциите да бидат глуви на ова барање, и самостојно веќе почнаа да нудат помош.

Охриѓани многу пати до сега ја покажале и докажале својата хуманост, се организирале и сите застанувале пред вакви предизвици, па така и овој пат  – сите ќе и помогнеме во оваа борба -  Јана го заслужува тоа!!!

Јана верува во Бог и во подобро утре -  ние веруваме во нејзината сила и заеднички ќе се избориме лошата болест неповратно да исчезне!!!