Едноставен и неодолив рецепт - подгответе го највкусниот Чизкејк

 За да ја победите летната жега, за вас имаме предлог десерт кој брзо, лесно и едноставно се приготвува, а е вистинско освежување и уживање, особено во лето.

Има многу начини како да се приготви Чизкејк, а ние го одбравме најоригиналниот.

Потребни состојки:

3 јајца
150 грама шеќер
1 пакетче ванилин шеќер
200 грама крем сир Филаделфија (а може и друг вид)
300 ml хопла
Сок од еден лимон
15 парчиња бисквити
 
Се одделуваат белките од жолчите. Во жолчките се додава шеќерот и ванилиниот шеќер и убаво се мати со миксер. Откако ќе се добие хомогена смеса, во неа се додава крем-сирот и убаво се мати до соединување. Во друг сад се мати хоплата до цврст снег, а исто така и белките се матат до добивање цврст снег. Хоплата и изматените белки се додаваат во филот со жолчки, и сето убаво се меша со лажица за да се соедини.

Бисквитите се мелат и половина од нив се ставаат во соодветен калап за торта со кружна форма (најдобро е во сад чиј страничен дел се одстранува), убаво се распоредуваат да се покрие дното, па врз нив се истура претходно подготвениот фил. Калапот се става во замрзнувач да одстои еден час, па потоа врз тортата се ставаат останатиот дел од мелените бисквити. Се враќа во замрзнувач уште неколку часа.  Колачот може да се комбинира со слатко од вишни, рибизли или друго овошје. Тоа во голема мера го надополнува неодоливиот вкус.



 Вака подготвениот колач потсетува на сладолед, лесен е за конзумирање, и навистина ги буди сите сетила. Па, подгответе и уживајте!