Промоција на стихозбирката „Станица 15“ од Викторија Ангеловска

 Во среда, 22 мај, од 20.00 часот во Галеријата во МКЦ ќе се одржи промоција на првата стихозбирка од Викторија Ангеловска - „Станица 15“, во издание на ПНВ Публикации од Скопје. Книгата ќе ја промовираат Ѓоко Здравески и Јулијана Величковска.
 
 
Чита човек и не знае – девојче ли пишува или старица полна искуство. Се впрегнуваат двата гласа и влечат на својата страна секој, создавајќи така спрега што раѓа и звук и смисла. Викторија Ангеловска е новиот глас на македонската книжевност, а нам ни останува да го набљудуваме отстрана нејзиното растење и да се надеваме дека ќе продолжи да пишува.“ - Ѓоко Здравески
 

 
„Низ песните, полни со вдишан воздух и издишување кон нова возраст, љубовта како прегратка ги милува сите стравови и пренесува едноставност, чистина во изразот. Песните на Викторија воопшто не флертуваат, напротив, тие раскажуваат состојби. Тие се преживувања, доживувања, пресликувања. Тие се глас на новата генерација, во телото и мислата на една девојка.“ - Ана Голејшка Џикова
 

 
„Викторија пишува како да плете, со внимание и одмереност, со префинето чувство за јазикот и стилот, со емоции и мисла подеднакво насочена и кон сегашниот миг, но и кон минатото и иднината. Пишува небаре плете џемпер од љубов наменет за најдрагата личност... Нека ве гушне оваа топла книга како омилениот џемпер, нека ви биде утеха... И ќе ви каже дека македонската книжевност има иднина!“ - Јулијана Величковска
 

 

 Викторија Ангеловска е родена во 2002 г. во Скопје. Ученичка е во СУГС Гимназија „Орце Николов“. За своите литературни творби има добиено неколку награди во рамките на своето основно училиште и Општина Илинден.
Своја поезија има читано на „Астални проекции“, „Прво па женско“ во МКЦ, како и на други поетски читања во Скопје.
„Станица 15“ е нејзина прва стихозбирка.


Во продолжение наш избор од нејзините стихови: 


ти живееш во ѕидот
во најголемата пукнатина
пиеш ракија од најголемата чашка
и јадеш тенко сецкани домати
сѐ уште доаѓам,
цимолам под прозорецот,
не ги допирам бонбоните
те чекам немоќно
и молчам
им зборувам само на луѓето од моите кошмари
со оние од реалноста
едвај споделувам седиште во автобус
пукнатините на ѕидот
ги пополнија луѓе во валкани алишта,
ти си тука, сепак,
ти живееш во ѕидот
на моето срце.






најсама сум ноќе
тивка
под месечина
 
ништо веќе не знам
во мракот
најгласно се крши срцето

 

ми се останува во миг
кога се случува нешто
за првпат
кога за првпат гледаш море
кога за првпат читаш книга
кога за првпат пробуваш колач
кога за првпат слушаш џез
кога за првпат плачеш од среќа
и ти се допаѓа.



веќе седми ден се чувствувам ужасно сама
пред моите очи повторно
брзоплето се менуваат бои
а во моите уши се населува
звукот на моето детство
уште еден воз
што сурово ме одминува
можеби ако знае
колку детство ми носи со себе
ќе запре и ќе остане
или, барем, ќе ме земе со себе
понекогаш, многу ми е потребно
да гледам од прозорец доволно долго
за пак невино да му поверувам на светов
понекогаш се прашувам
каде е девојчето коешто бев
и што мисли за оваа која сум сега?