Промоција на „Растајнување на светлината“ – збирка хаи[на]ку, превртено хаи[на]ку и хаи[на]га од Дијана Петкова

  Во вторник, 21 мај, од 20.00 часот, во Концепт 37 ќе се одржи промоцијата на „Растајнување на светлината“ – збирка хаи[на]ку, превртено хаи[на]ку и хаи[на]га од Дијана Петкова, издание на ПНВ Публикации.

Книгата содржи и илустрации од академскиот сликар Тони Шулајковски, па во рамки на промоцијата на книгата ќе биде поставена и изложба на неговите дела. Промотор на книгата ќе биде Елена Пренџова, а стиховите ќе ги чита Софија Бислимоски.
 
„Растајнување на светлината“ претставува богата збирка најсовремени експериментални поетски форми, стотина на број, сите разнолики и уникатни целини и сите мајсторски умешно „скоцкани“. Растајнување на светлината претставува првата и единствената книга хаинаку и превртено хаинаку во Македонија.“ – Елена Пренџова.



  Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи. Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“, „Стожер“, а застапена е во антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“од Светлана Христова - Јоциќ (2012) и во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази (2016).
Досега ги издала збирките поезија „Стефанија“(1999), „Деца од свила“ (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013) , „Честичка свесност“ (2014), „Мамо што има за јадење?“ – хаику готвач за свесни мажи и жени (2016), „Енсо – Поврзување со целоста“ (2017) и „Поврзи се...“ – хаиги со фотографии изработени од Камелија Шојлевска (2018).
Организирала четириесет и седум самостојни изложби на реномираниот академски сликар м-р Тони Шулајковски и го менаџира неговото творештво. Напишала предговори во каталозите за неговите изложби: „Друг свет“, „Под дејство на звукот“, „Пеш низ звукот“, „Воздишка за просторот“, „Интергалактички реакции“, а хаику во каталогот за изложбата „Предградие на свеста“.
Во креативниот центар „Арс вивенди“, каде што е менторка во студиото за креативно пишување, организирала 13 завршни изложби и промовирала 5 книги: „Слободна вода“(2016), „Тивките сили на духот“(2018), „Мисли молкома“, „24/7“ и „Месечино, диши!“ (2018) изработени од децата членови во овој креативен центар.
Живее и работи во Скопје.