Од 8 до 15 мај се одбележува Неделата на Црвениот крст и Црвената полумесечина

 На 8 мај 1828 година роден е големиот хуманист Анри Динан, основоположник на идејата за движењето на Црвениот крст. Во негова чест 8 мај се одбележува како Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а неделата од 8-15 мај, како Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

 По тој повод Црвен крст Охрид се вклучува во глобалната кампања на Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина која се одвива под мотото `Што ви се допаѓа во Црвениот крст и Црвената полумесечина` #ЉУБОВ.

 Во тие рамки ќе бидат организирани низа активности. Утре, среда, 8 мај, во 10:00 часот ќе биде  положено свежо цвеќе пред бистата на Анри Динан во Охрид (пред седиштето на Црвен крст Охрид).

 Половина час подоцна, во 10:30 часот ќе биде отворен ИНФО ДЕН – прием во седиштето на Црвен крст Охрид за децата од предучилишните установи и учениците од основните училишта во Охрид, каде преку промотивни материјали и видео проекции ќе се запознаат со мисијата на движењето на Црвениот крст, со активностите на Црвен крст Охрид и како се станува волонтер на Црвен крст. Истиот ден од 10 до 14 часот ќе се одвива крводарителска акција во Факултетот за туризам и угостителство – Охрид

Во текот на неделата на Црвен крст и Црвена полумесечина, од 8 до 15 мај ќе се одржуваат работилници за дисеминација – ширење на знаењата за Црвениот крст со волонтерите на Црвен крст Охрид.