5 Мај - Ден на македонскиот јазик

 На својата 130 седница, Владата на Република Македонија донесе одлука 5 мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик како празник од работен карактер.

 Одлуката овој датум да се прославува како Ден на македонскиот јазик е во чест на 5 мај 1945 година, кога со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.

Македонската азбука е официјално и единствено писмо на македонскиот јазик со службен статус на територијата на Република Македонија. Современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков, а некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ, иако Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови.

Македонскиот книжевен јазик е јужнословенски јазик со една од најстарите книжевнојазички традиции и службен јазик во Македонија. Спаѓа во групата на јужнословенски јазици, а го зборуваат околу 3 милиони говорници во Македонија, Грција, Албанија, Бугарија, Австралија и други земји.