Недела на солидарност - `Вашиот прилог-значајна помош`

 Во рамки на социјално-хуманитарната дејност, а по повод одбележување на Неделата на солидарност, од 15-21 април 2019год., под мотото `ВАШИОТ ПРИЛОГ-ЗНАЧАЈНА ПОМОШ`, со цел подигнување на нивото на свест на населението за потребната помош и поддршка на ранливото население, Црвен крст Охрид организира хуманитарна собирна акција за обезбедување  помош во храна, облека, обувки, средства за хигиена, постелнина, детски играчки и парични средства, која ќе биде наменета за социјално загрозените лица, старите лица и лицата со посебни способности од Охрид и Дебарца.  

 Од Црвен крст Охрид апелираат и упатуваат повик до граѓаните, фирмите и институциите да ја покажат својата солидарност и хуманост со масовно вклучување во оваа акција со:
  • донирање на материјални добра, во просториите на Црвен крст Охрид на ул.`Димитар Влахов` 52, во сите денови на траењето на акцијата, вклучувајќи ги и деновите од викендот од 8 до 15 часот, како и на собирните пунктови за прехрамбени производи во маркетите во Охрид.
 
  • давање на доброволни прилози на мобилните тимови на Црвен крст Охрид составени од волонтери, препознатливи со обележја на Црвен крст Охрид, кои ќе бидат на повеќе јавни пунктови низ градот.
 
 
  • донирање на парични средства на мобилните тимови на Црвен крст Охрид составени од волонтери, препознатливи со обележја на Црвен крст Охрид, преку акцијата  `Од куќа до куќа`, во која волонтерските тимови на нашите сограѓани ќе им приложат плико и информативен флаер за нивна вклученост во акцијата за донирање парични средства според нивната желба и можности.
 
  • донирање на парични средства на жиро-сметката на Црвен крст со назнака за `Недела на солидарност`.
 
            Вклучете се и вие во оваа хуманитарна акција! Вашиот скромен прилог, за некого значи многу!