Пожарот во Нотр Дам е целосно под контрола

 Големиот пожар во катедралата Нотр Дам според противпожарната служба во Париз е „целосно под контрола“  и  „делумно изгаснат“.

Сепак, сѐ уште има некои локализирани жаришта. Пожарот во катедралата, која е дел од Светското културно наследство на Унеско, изби вчеравечер од засега непознати причини. Пожарот ја уништи средишната кула и покривот. Францускиот претседател Емануел Макрон изјавил дека најлошото е спречено и дека се спасени фасадата и двете главни кули на Богородичната црква. Сепак, според оценките на министерството за внатрешни работи на Франција, сѐ уште постои опасност од уривање на црквата и експерти и архитекти денеска ќе разговараат околу стабилноста на објектот по што ќе се донесе одлука дали пожарникарите смеат да ја продолжат својата работа во внатрешноста на катедралата.

Нотр Дам била нарачана од кралот Луј VII, кој сакал да биде симбол на политичката, економската, интелектуалната и културната моќ на Париз дома и во странство. Градот тогаш станал центар на моќ во Франција и му бил потребен религиозен споменик што ќе одговарал на неговиот нов статус.

 Првиот камен на она што станало масивно здание со должина од 130 метри и широчина од 48 метри бил поставен во 1163 година, во присуство на папата Александар III, но биле потребни уште 200 години за да се завршат честите модификации во следните векови.

Катедралата беше овековечена во популарната култура од Виктор Иго во неговиот готски роман „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“, кој подоцна беше претворен во филм на Дизни.

Осквернавена за време на Француската револуција, до почетокот на 19 век, катедралата се распаѓала и била половина срушена во внатрешноста. Крунисувањето на Наполеон како император, проследено со успехот на романот на Иго, го ставил објектот во центарот, поттикнувајќи големи реставрации во средината на 19 век.

Катедралата е еден од најиздржливите и најсимболичните споменици на француската престолнина и меѓу најзначајните катедрали во Европа.