Промоција на `Скопје, ти раскинуем` од Тамара Јолевска Попов, во издание на ПНВ Публикации

 Деновиве од печат во издание на ПНВ Публикации излезе втората збирка раскази на Тамара Јолевска Попов насловена според истоимениот расказ „Скопје, ти раскинуем“.

Книгата содржи четиреиесетина куси раскази.

 Промоцијата на `Скопје, ти раскинуем`  ќе се одржи на 3 април (среда) од 20 часот во Кино Фросина, во Скопје. 
Промотори ќе бидат Душко Крстевски, Ѓоко Здравески и Деспина Мукоска, извадоци ќе чита Томе Станковски, а како ди-џеј ќе гостува и Ненад Стефаноски.
 
За книгата рекоа:

 `Овие прозни записи се одлична закуска додека се возите во автобус, додека мечтаете на плажа, додека го пиете попладневното кафе дома или пивото во градскиот парк, додека децата се на најблиските лулашки. Со кратко читање на овие микрораскази и подолго размислување за нив, оваа книга е совршена џебна енциклопедија на љубовта, урбаната егзистенција, стравовите, кошмарите и созерцанијата. Со оваа книга Тамара дефинитвно „раскинуе“ со Скопје, но не и со нејзините читатели.`

                                                                                                                                        Душко Крстевски

 
`„Скопје, ти раскинуем“ му ја препорачувам на храбриот, урбан женски читател, кој има „муда од лабуда“ да ја заврти вековната, генетска, ментална завртка и подготвен е да разбере дека мааните кај љубениот ги забележуваме само тогаш кога престануваме да сакаме и почнуваме вистински да љубиме. Машкиот читател, но само оној со високо ниво на тестостерон и бестрашен ум за размисла (се плашам - ретка публика), ќе ја разбере Тамара „од прва“.`
                                                                                                                                           Деспина Мукоска
 


 Тамара Јолевска Попов е родена на 30 март 1987 година во Скопје. Средното образование го завршува во уметничкиот колеџ „Бромсгроув“ во Бирмингем, Велика Британија. Дипломирала англиски и шпански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирала англиски јазик на Универзитетот „Американ Колеџ“ Скопје. Долги години е присутна и на независната уметничка сцена.

 Автор е на збирката раскази „Ге-дур“ (2013, ИЛИ-ИЛИ). Автор е и на неколку необјавени драмски текстови.
Работела како уредник во издавачки куќи, професор по англиски јазик во приватни училишта во Скопје, а во моментов е лектор на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.


Во продолжение ви промовираме еден од расказите, дел од оваа збирка: 

Раце

За што ти користат рацете? Размисли добро... добро и долго... дај си време. Вдиши длабоко, ама не издишувај. Јас денес направив ручек и торта. Толку. Вчера правев повеќе. Многу повеќе. Вчера станав, го измив лицето со дланките, се подготвив и малку ги поднакитив прстите. Па направив кафе и појадок. Двојна доза, за мене и за тебе.

Попладнето бришев солзи. Не со шамивче. Со раце ги бришев. Со врвовите од прстите.

Кои и какви луѓе спијат сами? Не ги разбирам, навистина не ги разбирам. Ако ништо друго не ги привлекува, барем треба да помислат дека прстите ќе им се плеткаат со уште дваесет ним слични. Е, јас сум среќна. Од денес не ми е гужва и моите дваесет имаат место да дишат колку сакаат. Само не знам што друго би правела со нив.