Промовиран видео записот за темата `Спомени` на дуото Горан Папаз и Танче Гроздановски

 `Спомени` е новиот сингл и воедно најава, за новиот проект на дуото Горан Папаз и Танче Гроздановски.

 Се работи за емотивна и елегична мелодија која е инспирирана од убавите моменти кои им се случувале во минатото, на двајцата музичари.

Отсвирена е само од саксофон и гитара. Автор на музиката е Горан Папаз а за аранжманот и продукцијата се погрижи Танче Гроздановски.

Видеото е изработено од страна на Мега Продукција, под режисерската палка на Ѓоко Наумовски, а во него се појавува Наташа Попоска Карче која ја оплеменува целата приказна.

 Видеото можете да го погледнете тука.

 Папаз и Танче со полна пареа го подготвуваат новиот проект кој ќе носи наслов “Елегија”, на кој ќе се најдат десетина композиции, авторски и преработки на изворни елегични македонски песни.
 
Албумот треба да биде готов ова лето, на него на пијано ќе гостува маестро Иван Еминовиќ, диригент при Македонска Опера и Балет.
 
“За новиот проект “Елегија” има голем интерес од балканските музички продукции, со неколку веќе сме во преговори па најверојатно во текот на наредната недела ќе имаме и официјално потпишан договор” – изјави Горан Папаз.