Денес е Сретение Господово - денот кога се сретнуваат зимата и пролетта

 Сретение господово е еден од 12-те големи црковни празници, кој е со постојан датум и се паѓа секогаш на 40-от ден после Божиќ.

 Реалниот настан врз кој се темели овој празник е расказот за Симеон, кој по неговата средба со Бога бил наречен Богопримец. На овој старец преку ангел му било кажано дека нема да умре дури не го види ветениот Помазаник, Месијата. На неговото чекање доаѓа крај 40 дена по раѓањето на Исус Христос. Според Мојсеевиот закон, во тој ден секое првородено машко дете се носело во Ерусалимскиот храм. На тој ден, во храмот, се случила средбата на свети Симеон и Богочовекот Исус Христос, и тоа е првата средба лице в лице на човекот со Бога. Длабоката смисла на овој празник се состои токму во таа оттогаш отворена можност за општење со наднебесниот Бог лице в лице.

 Народот верувал дека Сретение е празник кога се сретнуваат зимата и пролетта и дека по овој празник не може да има такви студови како пред него. Всушност, според верувањето, овој ден го означува крајот на зимата.
 Едно од поинтересните верувања е дека на овој ден немажените девојки ќе ги пронајдат своите избраници. Девојките верувале дека нивниот иден маж ќе личи на првиот маж што ќе го сретнат на овој ден.