Утре, 6 јануари, во Охрид по шести пат ќе се одржи Бадникова поворка која го најавува Христовото раѓање

  Годинава по шести пат се организира Бадниковата поворка во Охрид.  

 Во поворката ќе учествуваат околу 500 деца пријавени доброволно, од претшколска возраст до 9 одделение. Поворката ќе се формира и ќе тргне од  храмот Св. Георгиј во 11.00 ч, пеејќи ја песната Вечниот Бог и ќе помине по улиците „Јане Сандански“, бул. „Туристичка“, кружен тек кај Охридска Банка и бул. Македонски просветители, до градскиот плоштад каде што е поставена голема пештера - симбол на витлеемската пештера во која е роден Исус Христос.
 
Тука поворката во 12.30 ч. ќе биде пречекана од в.д. градоначалникот, градските советници и граѓани, кои ќе ги даруваат учесниците со пакетчиња. Потоа поворката преку чаршијата ќе пристигне во храмот Св. Богородица-Каменско каде учесниците ќе бидат пречекани од свештениците и ќе заврши со Бадникова трпеза, најави организаторот  - Здружението за грижи и воспитување на децата од Охрид.