Синоќешниот концерт градскиот хор Вокс Лихнидос го посвети на прерано починатиот градоначалник проф. д-р Јован Стојаноски

  Градскиот мешан хор Вокс Лихнидос синоќа одржа концерт кој беше вистинксо уживање за публиката. Овој предновогодишен настан хорот му го посвети на прерано починатиот градоначалник на Општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, кој беше голем поддржувач на културно-уметничкиот живот во Охрид.

Публиката имаше можност да слушне композиции од класична, духовна, популарна/модерна музика, како и хорски преработки инспирирани од македонската традиционална музика. 

Охридскиот хор е оформен во почетокот на 50-тите години од минатиот век. Со хорот раководеле диригентите Наум Гаврилоски, Коста Веруш, Билјана Малезанова и Александар Димоски.

 Во 2015 година охридскиот градски мешан хор го добива името Вокс Лихнидос, а со него раководи  сегашниот диригент Бурим Хидри. Хорот одржува годишни и новогодишни концерти, редовно учествува на реномираниот хорски фестивал ТеХо, со свои настапи ги поддржува културните манифестации во Охрид со што претставува своевиден културен амбасадор на градот и Република Македонија.