Стариот охридски чун – еден од белезите на историјата на Охрид

 Стариот охридски чун, реконструираното пловило, е вистинска атракција во Лапидариумот кај Куќата на Робевци. За многумина повозрасни граѓани е само далечно сеќавање, а за младите една прекрасна приказна што ја слушнале од нивните дедовци. Денес овој експонат е привлечен и за домашните и за странските туристи.



 Колку бил значаен за животот на луѓето во едно минато време, се осознава преку истражувањата на документи, фотографии, видео материјали и сите други податоци со кои се испишувала историјата на Охрид.

Не само за рибарите, чунот бил незаменлив дел во животот на секој жител крај брегот на Охридското Езеро. Покрај за рибарење тој служел и за превоз на луѓе и пошта на релација Охрид, Поградец, Струга, Свети Наум, Лин, потоа за превоз на добра како, дрва, жито, грозје, песок, но служел и за разни свечености и забави за чија цел се додавал чардакот каде се свирело и пеело и се уживало во прошетки по езерото.



 За изработка на чунот најчесто било потребно буково и чамово дрво или бел бор, или пак нивна комбинација за добивање на една стабилна форма со добар баланс и пловност. Веслачи имало двајца или тројца напред и еден кормилар на задницата кој веслал спротивно од нив, за да може да се одржува правецот на движење. Најчестите димензии на  чунот биле од 4 до 7 метра, но имало и такви со должина до 9 метра, секако зависно од потребата и намената на истиот.