Во петок ПХВ ШОУ на Црвен крст Охрид


 Црвен крст Охрид со големо задоволство го најавува настанот ПХВ ШОУ на кој ќе биде промовиран финалниот производ од овогодинешниот циклус на програмата Промоција на хумани вредности-Црвен крст во акција (ПХВ-ЦКА), а ќе бидат претставени и 6-те проекти кои ги изработија 47 младинци како дел од програмата ПРОМОЦИЈА НА ХУМАНИ ВРЕДНОСТИ.

 Со проектите беа директно опфатени и помогнати 50 луѓе со нивните семејства, преку обезбедување на апарати за домаќинство, средства за лекување,  екскурзија, а се изработи и еколошко градско катче. Посебен сјај на ова ПХВ ШОУ ќе дадат пет наши познати сограѓани, успешни и докажани во својата област на делување: Марко Пејчиноски, Владимир Четкар, Јован Цветкоски, Гордана Лолеска и Иван Цветкоски,  кои пред присутните ќе одржат мотивациски говори.

 Креативното и уникатно ПХВ ШОУ кое доаѓа како круна на одбележувањето на Неделата на промоција на хумани вредности ќе се реализира на 21.09.2018 (петок) во Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, со почеток во 19 ч., а влезот за сите посетители е слободен.

 ПХВ-ЦКА е национална програма која обучува млади луѓе на возраст од 14-18 години, да изготвуваат проекти со кои помагаат на целни групи на кои им е потребна помош. Младите се дружат меѓу себе, подобро се запознаваат, ги откриваат и зајакнуваат своите способности, таленти и квалитети. Меѓусебно се поттикнуваат и поддржуваат. Се јакнее нивната самодоверба, стануваат потолерантни кон останатите, ги јакнат комуникациските вештини и работат тимски. Младите ја изразуваат својата креативност  во организирањето на активности преку кои обезбедуваат средства за остварување на нивната цел-помош на ранливата категорија на граѓани.