Билјана Тодороска – "Сите мои чувства се огледуваат во рачните изработки накит"

  Со нејзината ведрина, скромност, сталоженост, Билјана  секогаш ќе ја посакате за свој соговорник. Токму ваквата природа и дала можност трпеливо и успешно да го гради својот занает со кој активно се занимава веќе осум години.

 Билјана изработува накит и други модни додатоци во техниката позната како сутаж - начин на изработки кој е многу специфичен, посебен, а поради сета своја природа,  ретки се луѓето кои го изработуваат. Тоа е накит иработен од полускапоцени камења во комбинација со конци, и кристалчиња како мониста. Интересно е што накитот изгледа масивно но многу е лесен, а и  лесно се одржува,  конецот може да се измие  со вода, и доколку добро се чува,  е долготраен .



Талентот  го има уште од мала, кога започнала да се интересира за вез, а подоцна, кога созрева, започнува со изработки на накит од различни материјали, плетен накит, најчесто, како што вели и самата – од се што ќе најдев дома: конци, ластичиња, ткаенини и слично..  

 Поддршката од најблиските и поттикот од една нејзина пријателка, ќе ја охрабрат да започне со изработки кои не само што ќе ги нуди на своите најблиски, туку и на широката потрошувачка маса.



Трепеливата работа и првиот свој циклус на изработки, ако може така да се нарече, го крунисува пред две години со својата прва самостојна изложба во куќата на Робевци, што всушност претставува и нејзино прво јавно промовирање. Ова нејзино деби на јавната сцена се покажа како многу успешно и од организациска страна, но и од аспект на посетеност и пројавен интерес за нејзиниот накит.
 Една година подоцна, Билјана остварува уште една самостојна изложба, овој пат во Струга, каде во Спомен куќата “Браќа Миладиновци” се претставува со своја нова линија на накит.


накит во изработка 
 
  • За да се дојде до еден финален производ, едно комплетно завршено парче, треба трпеливо и активно да се потрошат 15 до 20 работни часа, да се изолирам од се друго, да работам во тишина со полна концентрација и инспирација – вели Билјана.


 Едноставноста е она што преовладува кај неа - секое парче изгледа едноставно, со складни бои, симетрично убаво направено, но сепак самата изработка е сложена и бара премногу трпение и љубов. И едукација. Надоградувањето со нови и свежи идеи најчесто е преку интернет, но и преку многу базари каде може да се научи нешто ново. И секако тука е соработката со колегите од занаетчиската комора, со кои постојано се споделуваат искуства, информации, и се што е во интерес на нивната работа.
Кога станува збор за различните видови парчиња кои ги изработува, Билјана вели дека најчесто работи по нарачки кои ги добива преку интернет, особено преку нејзините фејсбук профили, а постои интерес за прстени, обетки, бразлетни, ланчиња, украси за рамки за слики и слично; машки накит –најчесто бразлетни, како и парчиња детски накит.



Интересно е тоа што Билјана иако има и други соработки, најчесто сама ги фотографира парчињата накит, затоа што како што вели, најдобро доловува она што сака да им го презентира на клиентите.
Материјалите најчесто ги набавува во нашиот град, или во Скопје,  а има и такви кои ги добива од Авганистан.
  • Не ретко се случува да има интерес за изработки според хороскопскиот знак, за кој клучна улога има каменот кој ќе се употреби за парчето накит бидејќи секој знак си има свој специфичен камен кој му одговара и е важен за неговите позитивни својства.  – истакнува Билјана.
Таа продолжува со секојдневна работа, и успева да направи баланс меѓу останатите обврски, семејството и занаетот, но сепак вели дека сака добро да се подготви пред свое следно самостојно претставување. Во таа смисла, најголема желба за блиска иднина и е својот накит да го претстави со самостојна изложба на престижниот фестивал Охридско лето.



 Деновиве (од синоќа, па до сабота ) сите љубители на нејзините изработки, ќе може да ги погледнат во Центарот за култура “Григор Прличев”, каде заедно со други ракотворби е изложен и накитот на Билјана Тодороска, во склоп на Балканскиот Фестивал.
Доколку пак, некој не успее да стигне на оваа изложба, нејзините изработки ги претставува  на фејсбук, преку  следниве линкови:

https://www.facebook.com/nakit.biljananovprofil.3
https://www.facebook.com/Biljanas-handmade-jewerly-358727020945551/?hc_ref=ARRtF1yMPJzsxoChVSKUrqkcL9S393a-EVcuVZdNpeOAVIezCFAM81DSWsu-cx6uvDk&fref=nf