Пет држави со најмногу локалитети на листата на светско наследство на УНЕСКО

За еден простор да стане заштитено подрачје, односно, да се најде на листата на светско наследство на UNESCO, потребно е да исполнува најмалку 1 од 10 критериуми, и тоа:

  1. Да претставува човечко ремек-дело
  2. Да изложува важна размена на човечки вредности
  3. Да претставува белег на уникатно сведоштво за културната традиција на цивилизацијата
  4. Да еисклучителен пример на архитектонска или технолошка целина низ историјата
  5. Да е исклучителен пример на традиционално човечко населување или интеракција со животната средина
  6. Да е видливо поврзан со традиции, идеи, верувања и дела од универзално значење
  7. Да содржи врвни природни феномени или области со исклучителна природна убавина
  8. Да има исклучителни примери кои ги претставуваат главните фази на историјата на Земјата
  9. Да е исклучителен пример на значаен еколошки и биолошки процес во еволуцијата и развојот на копнените и морските заедници на растенија и животни
  10. Содржи најважни природни живеалишта за зачувување на биолошката разновидност.

Петте држави со најмногу заштитени локалитети на листата на светско наследство на УНЕСКО имаат уникатни причини зошто имаа најголем број на заштитени подрачја.

1. Италија (53 локалитети);

Со 48 културни и 5 природни локалитети, Италија е држава со најмногу локалитети на листата на светско наследство на УНЕСКО. Освен овие локалитети, на привремената листа на светско наследство на УНЕСКО, номинирани се околу 40 други локалитети во Италија. Италија изобилува со неповторливи локалитети. Градот Верона, Кривата Кула во Пиза, Тиволи, замоците, винските подрачја, вулканот Етна, богатата историја на градовите и Доломитите, се само дел од бројните локалитети.

2. Кина (52 локалитети);

Кина со 36 културни локалитети, 12 природни и 4 мешовити локалитети е втора на листата. На привремената листа на светско наследство на УНЕСКО, номинирани се околу 60 други локалитети во Кина. Локалитетите во Кина се препознатливи по својата специфична традиција, култура и архитектура. Најпосетуван е Кинескиот ѕид, но исто така, Кина е препознатлива по „Забранетиот Град“ во Пекинг, националниот парк Лушан и секако гигантските светилишта на пандите, кои претставуваат дом на повеќе од 30% од пандите во светот.       

3.Шпанија
(46 локалитети);

Во Шпанија впишани се 40 културни, 4 природни и 2 мешовити локалитети на листата на светско наследство на УНЕСКО. На привремената листа на светско наследство на УНЕСКО се номинирани 29 други локалитети во Шпанија. Шпанија е препознатлива по исклучителната архитектура на старите градови, археолошкиот ансамбл во Мерида, историскиот центар во Толедо, градот Кордоба, националниот парк Теиде во Тенерифе, планината Перду, како и уметноста на Антонио Гауди во Барселона.

4. Франција (43 локалитети);

Франција, на листата на светско наследство на УНЕСКО има 39 културни локалитети, 3 природни и 1 мешовит локалитет. Номинирани на привремената листа на светско наследство се 37 други локалитети. Со слики во пештери стари по 20.000 години, спектакуларни острови и гребени, Франција нема недостиг на природни и културни чуда. Дел од нив се: Островот Сен Мишел, катедралата Chartres, архитектонските ремек-дела на Сена, Версајските градини и праисториската пештера Pont d’Arc, Ardèche.

5. Германија (42 локалитети).

Со 39 културни и 3 природни локалитети, Германија е петта на оваа листа. На привремената листа на светско наследство номинирани се 16 други германски локалитети. Листата на локалитети во Германија се одликува со неверојатни праисториски куќи, готската структура во градот Бремен, манастирскиот остров Рајхенау, палати и паркови во Потсдам и Берлин.

Позиција на листата на светско наследство може да биде од голема корист за економијата и туристичка промоција. Ова има голем придонес во развој на туризмот, промоција на самата држава, зголемен број на туристи, пробивање во светски медиуми и слично.

Од Република Македонија на листата на светско наследство на УНЕСКО се наоѓа Охридскиот регион, односно, природното и културно наследство на Охридскиот регион, исполнувајќи ги критериумите (i), (iii), (iv) и (vii). Квалитетот и разновидноста на културното, материјалното и духовно богатство го прави овој регион навистина уникатен.

Регионот на Охридско Езеро,  претставува мешовито богатство на светско наследство, чии природни вредности се впишани во 1979 година и неговите културни вредности една година подоцна. Охридското Езеро е извонреден природен феномен, обезбедувајќи засолниште за бројни ендемични и реликтни слатководни видови флора и фауна кои датираат од терциерниот период.

Освен Охридскиот регион, на привремената листа на светско наследство на УНЕСКО, номинирани се мегалитската опсерваторија Кокино, тврдината Маркови Кули и пештерата Слатински Извор.

Извори:

Автор: Билјана Бабаноска

Извор: www.igeografija.mk