Денес се празнува Вознесението Христово – Спасовден

 По 40 дена од Своето Воскресение, Христос ќе се вознесе на небото, и со тој настан се запечатува целото Негово спасително дело. За овој настан, од евангелистите накратко споменува Марко (16,19-20), а најмногу Лука (Лк 24,50-53 и Дела 1,1-11). Исто како и страдањето и воскресението, Христос претходно го најавил и Своето вознесение: Ова ли ве соблазнува? А, ако Го видите Синот Човечки да се искачува таму каде што беше претходно? (Јн 6,62). Христос како Бог секогаш е со Отецот и Светиот Дух: под слегување, се подразбира Неговото Воплотување (кенозис), а под искачување, вознесувањето на Неговата човечка природа (обожението).

 Во периодот на 40-те дена, меѓу Воскресението и Вознесението, Христос им се јавувал на учениците и им ги откривал тајните на Царството Божјо. Господ им заповедал да не излегуваат од Ерусалим, додека не им го исполни ветувањето, дека ќе им испрати друг Утешител, односно додека не слегне Светиот Дух врз нив и ги облече со сила одозгора, по што би можеле да го проповедаат Евангелието по целиот свет. Тоа и ќе се случи по 10 дена, за време на старозаветниот празник Педесетница.
 
 Значењето на Вознесението е во тоа што човечката природа, обожена со Воплотувањето, е прославена. Христос седнал од десната страна на Бога, а тоа е еден символичен израз; тука не станува збор за географски поим (место), туку за онтолошка состојба. Седењето оддесно, со јазикот на Библијата, значи да се разделува истата власт и достоинство со оној до кој седиш. Па така, човечката природа со Христа станува учесник во славата и вечноста на Божествениот живот.


фото: Митко Лукан