Промовиран романот "Втор откос" од Дејан Величковски (фото)

 Минатата недела, ден по затворањето на Саемот на книгата во Скопје, се одржа промоција на романот “Втор откос”, првенче на Дејан Величковски. Авторот присуствуваше  и на Саемот на книгата, каде посетителите имаа можност да добијат негов автограм и посвета.


 
  10-ти мај беше денот кога во Домот на културата во Општина Илинден во 19 часот се собраа грст љубители на пишаниот збор, особено на возбудливиот трилер, каков што е и овој роман.

 “Втор откос” е приказна за битката на поединецот против корумпираниот систем. Тоа е роман, во кој преку главниот лик Симон, војник специјалец, добиваме слика за тоа како во секој од нас постои она двојство на добро и зло. На човек и ѕвер. На грижлив татко и сопруг од една страна и тренирана машина за убивање, од друга. За грдото лице на војната и она што таа го прави од луѓето. За корумпираноста на системот... Човечките судбини... Потребата да се биде херој... Приказна што ве држи напнати од пресврт до пресврт, до самиот крај.

 Промотори на романот беа  проф. д-р Димитар Пандев и м-р Гоце Ристовски, а на промоцијата со кавал гостуваше и Александар Јовевски од групата Монистра, а извадоци од романот читаше Леа Новеска.





  Дејан Величковски во светот на литературата влегува во 2013 година кога за првпат на македонски од англиски јазик го преведува романот „Фантомот од операта“ од Гастон Леру. Неговата интензивна преведувачка работа во изминативе неколку години на македонски јазик ни ги донесе и „Поштарот сегогаш ѕвони два пати“ од Џејмс М. Кејн, Рашомон“ од Рјиносуке Акутагава, „Знакот на четворката“ од Сер Артур Конан Дојл, „Војна на световите“ од .Х. Џ. Велс, „Уметноста на војната“ од Сун Цу Ву и „Долината на стравот“ од Сер Артур Конан Дојл. Извадок од романот „Втор откос“ под насловот „Човек што лупи јаболко“ беше објавен во списанието за книжевност и култура „Акт“ во септември 2016. „Втор откос“ е негов прв роман.
 


За романот "Втор откос" планирана е промоција ова лето и во Охрид.