Охридската група Чардак 20 годишниот јубилеј ќе го одбележи со хуманитарен концерт

   Својот голем 20-годишен јубилеј охридската група Чардак ќе го одбележи на 9-ти мај во Центарот за култура “Григор Прличев” во Охрид. Притоа како што и претходно беше напоменато при нивното гостување во ИН продукција и најавата за јубилејниот концерт кој ќе биде од хуманитарен карактер, собраните средства ќе бидат донирани за лекувањето на малечката Мила од Охрид.


    Златко Јолакоски , еден од членовите на групата на својот фејсбук профил напиша:

-Деновиве славиме 20 години постоење, активност, дружење, музицирање, уживање на еден сон на истомисленици со ист интерес, секако музиката пред се. За овие години влеговме во илјадници домови, друштва, локали, со песна и насмевка го прошетавме светот. Бевме секаде каде што се славеше љубовта, другарството, бевме сведоци на многу љубовни приказни кои се реализираа и преку брак продолжуваат низ животот. Околу нас секогаш имаше насмеани лица со кои сме ги уживале најубавите моменти од нивните животи. Ви благодариме од срце за поддршката и енергијата што ни ја дадовте да успееме да опстаниме сите овие години и од деца да пораснеме во личности што денес чекорат гордо кон својата животна цел. Овој јубилеј ќе го заокружиме со еден концерт во центарот на градот каде што се родивме  како група во Охрид, пишува Златко на својот фејсбук профил.
 
  Како гости на овој јубилеен концерт вечерта ќе бидат познатите естрадни уметници Наум Петрески, Елена Велевска и Татијана Стефаноска, а во оркестарот ќе бидат и инструменталистите Митко Бежаноски, Симе Нелоски и Бајрам Рамаданоски. Собраните средства од концертот ќе бидат донирани на семејството на малата Мила Димоска која боледува од дистрофија.

Концертот ќе биде со почеток во 20 часот.
 
 
Извор: estradaplus.com