14-ти Март – Летник – обичаи, верувања

 
 Празникот Летник се прославува секоја година на 14-ти, односно на 1-ви март според стариот календар, а е поврзан со враќањето на птиците преселници од југ. Според народните верувања, со Летник всушност се означува почеток на пролетта одосно летниот период, и почетокот на земјоделските работи. Тоа го поврзува празникот со почеток на нова работна година, ново лето. Летник пред се, се празнува во Западна Македонија, и повеќе има народен отколку верски карактер, бидејќи во оние области каде живеело верски мешано население, сите прославувале – и православни и муслимани.
Населението верувало дека тоа што ќе прави на тој ден, тоа ќе му се случува цело лето.
 Според сведоштвата на луѓето празникот Летник започнувал да се празнува уште во раните утрински часови на 1 март, заеднички и од Македонците рисјани и муслимани. Веднаш рано изутрината штом ќе се станело од спиење, луѓето гледале и барале да здогледаат некое пиле (птица) за според верувањето да бидат лесни како птица преку целата година. Потоа погледнувале во своите џебови да имаат златна или сребрена пара за преку годината секогаш да имаат пари и успех (бериќет). Се излегувало во шумите и планините и од таму во домовите се носеле тукушто расцутени дренови гранки и кај куќното огниште и луѓето наизменично се фаќале за дреновата гранка и за синџир за преку годината да бидат здрави како дрен и цврсти и силни како железо, а потоа за здравје се каснувале пуполците од дренот. Младите деца береле суви гранки и оделе од куќа до куќа фрлајќи ги во куќните огништа велејќи: Колку шумулчиња (пламенчиња), толку дечиња (слично како за Бадник пред Божик). На Летник задолжително доколку се одело во посета на некоја куќа се носело гранка од дрен, а домаќините го гоштевале гостинот со ореви, варена пченка и благо. Тој што ќе се погодел прв во денот да им влезе на домаќините во куќа, годината им минува со радост и успех (бериќет) од него, па затоа домаќините идната година на Летник го бараат повторно да им влезе в куќа (не мора да е прв, може и само како гостин), зашто за него се верувало дека е со „среќна рака.
 


фото: Митко Лукан (архива)