Во пресрет на Прочка (Велики Поклади)

 Според календарот на МПЦ, утре (18-ти февруари) е Прочка (Велики Поклади), а од понеделник почнуваат Велигденските пости. Датумот на празникот Прочка се менува во зависност од датумот на Велигден, и е секогаш седум недели пред овој празник.
  Значењето на Прочка претставува манифестација на искрена и пожртвувана љубов кон ближните, како што Исус Христос безусловно и безгранично споделувал и проштевал. Прочка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.
  Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни производи или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца. Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда. Значењето на овој обичај, всушност претставува почеток на запостувањето и затворање на устата со бело јајце, се до Велигден кога се замрсува со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела со бело јајце, а повторно започнува со јајце  – црвено, велигденско на Велигден. Денот по Прочка е чист Понеделник кога почнува големиот велигденски пост, кој претставува духовно и телесно прочистување за верниците. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.