Охрид пригодно одбележа 125 години од смртта на Прличев

Со положување цвеќе и панихида на гробот, денес Охрид му се поклони на големиот поет, ловроносец, културен деец и преродбеник, Григор Прличев.
Чествувањето на Прличев вклучи повеќе настани, а централната манифестација се одржа во неговата спомен-куќа со традиционалната Прличева визита. За Прличев беседеше проф. Виолета Пирузе – Тасевска, а свое обраќање имаше и градоначалникот Јован Стојаноски. Меѓу другите активности, попладнево беше промовирана книгата Сага за Охрид од новинарката Валентина Неловска, а заокружување на манифестацијата беше свечената академија на основното училиште Григор Прличев, што се одржа во големата сала на Центарот за култура, кој го носи неговото име.