Сива, сива Василица

Според Јулијанскиот календар, вечерва (13-ти јануари) се празнува доаѓањето на православната Нова Година – Василица. Со овој празник се поврзани повеќе верувања и обичаи, кои потекнуваат од предхристијанско време а нивна цел е да ги отстранат лошите демони но и да обезбедат среќа и напредок на поединецот како и на пошироката заедница.  За да ја постигнат оваа цел, луѓето уште одамна  се делеле во дружини кои не било пожелно да се сретнат затоа што доаѓало до меѓусебен конфликт. Таквите обичаи се негуваат и до ден денес. Василица е еден од ретките празници каде децата одат издвоени од возрасните. За дружините на децата карактеристично е носењето прачки (дренови или сливови) со кои ги удираат луѓето, особено старите и болни лица, обичај што се вика суровење, за и тие да бидат сурови односно здрави како прачката. Овој обичај во селата се применувал и кај добитокот, особено кај коњите, воловите и овците. Возрасните, пак, на Василица освен што добро се маскираат, набавуваат и предмети за тропање и правење врева (ѕвонци, клопотарци, тенџериња и сл.), но и музички инструменти –гајди, кавали, тапани. Целта на создавањето голема врева не е само да се создаде весела атмосфера, туку и да се избркаат лошите духови. Во василичарските дружини одат луѓе веселници, луѓе што знаат да се шегуваат. Обичаите што притоа ги изведуваат претставуваат вистинска народна драма со точно определени улоги на учесниците, со маскирање и други елементи присутни во фолклорниот театар. Во охридскиот крај, главните улоги во василичарскиот театар ги имаат зетот, невестата и гатачот. Овие василичарски дружини во секоја куќа, или, ако не ги пуштале да влезат поради тоа што биле многу вулгарни, во дворот ја играле споменатата драмска игра за што добивале подароци (месо, грав, компири, зејтин и др.) од кои правеле заедничка гозба. Таму пак каде што не ќе ги дарувале правеле некоја штета најчесто кршеле нешто што ќе најделе во дворот на пр. плуг, брана, кола и слично. Се внимавало две василичарски дружини да не се сретнат зашто редовно доаѓало до тепачки што траеле се додека некој не загинел за што сведочат топонимите Василичарски гроб, Бабарски гроб и други  што ги има низ цела Македонија.Многу семејства Василица ја празнуваат како  домашна слава, а оние кои го носат името на Св. Василиј слават именден.