Локалитет ,,Свети Наум”- многу убавини на едно место

На 28 километри од градот Охрид, помеѓу бесрајното синило на Охридското Езеро и високиот планински масив на планината Галичица, се наоѓа локалитетот Свети Наум. Локалитетот е опкружен со божествена природа и зрачи со убавина, култура, историја и традиција.
Ова е место што ќе ве восхити со својата убавина и каде што ќе најдете душевен мир

ШТО ДА ПОСЕТИТЕ ВО ОХРИД

Црква посветена на Светиот Наум Охридски Чудотворец
Дел од овој комплекс е прекрасната црква од камен и тули со форма на впишан крст посветена на Светиот Наум.
 
За чудата кои се случувале во манстирот Свети Наум Охридски Чудотворец постојат многу сведоштва. Тие се жив доказ за светоста на овој храм, и чудотворната моќ на моштите на Свети Наум  кои се поставени во црквата.

Св. Наум Охридски, современик на Св. Климент Охридски и еден од најзначајните ученици на Св. Кирил и Методиј, бил познат по својата чудотворна исцелителска моќ. Тој ја подигнал црквата посветена на Светите Архангели Михаил и Гаврил, во 9 век. Во 910 година, по смртта, Св. Наум бил погребан во малата капела во црквата која е украсена со импресивни фрески што ги прикажуваат неговиот живот и чуда. На столбовите има остатоци од натписи на глаголица и на кирилица од 10 век, што се сведоштва за почетоците на словеската писменост.
Во манастирот „Св. Наум“ доаѓаат бројни намерници да го посетат гробот на светителот. Тоа е засолниште за болните, особено за оние со душевни болести. Посетителите веруваат деека и денес, кога ќе ставите уво на неговиот гроб, се слуша чукањето на неговото срце.

Пауните – жив украс на Локалитетот


Манастирот го красат и преубавите пауни или рајски птици кои се сметаат за симбол на христијанството и кои ги има во изобилство. Криковите на овие горди птици со шарени пердуви се слушаат многу далеку.

Изворите на Црн Дрим незаобиколни

Во непосредна близина на манастирот се наоѓаат и најубавите и најголемите извори кои го напојуваат Охридското Езеро – изворите на реката Црн Дрим.
Овие води доаѓаат од Преспанското Езеро преку подземните варовити канали во подножјето на планината Галичица. Се состојат од 30 подводни и 15 крајбрежни извори, со вкупен капацитет од околу 7,5 метри кубни во секунда. На изворите се формираат во мало езерце со површина од 30 хектари и длабочина од 3,5 метри. Температурата на кристално бистрата вода никогаш не преминува 11 степени, но на црните водни желчиња и охридската пастрмка таа воопшто не им пречи, како ни на лебедите, дивите патки и дивите кокошки. Езерцето во текот на своето постоење формирало и две мали атрактивни островчиња. Постои верување дека доколку фрлите паричка во изворите од мостот поставен на брегот кај Св. Наум, вашата желба ќе се исполни.
Вегетацијата на изворите е многу бујна и разновидна, модро-зелена од алгите кои оставаат импресивна глетка пријатна за очите. Регенерацијата на алгите е постојана и дава чувство на природен аквариум. Околу изворите има три прекрасни цркви, Пресвета Богородица, Св. Атанасие и Св. Петка. Велат дека водата која извира под црквата Св. Петка има лековита моќ за очите.
Водите од изворите се влеваат во Охридското Езеро преку куса и брза рекичка со капацитет од 10 литри вода во секунда, а истекуваат кај Струга и ја образуваат реката Црн Дрим (што значи „црн елен“). 
Наша препорака  е да направите обиколка со кајче низ таа божествена убавина на изворите и да ја почувствувате исконската врска меѓу човекот и недопрената природа. Секој треба да го доживее пловењето со кајче низ изворите на Црн Дрим, да ја слушне тишината и најде божји мир во душата…

ОХРИД – ГРАД КОЈ ЌЕ ВЕ ОСВОИ НА ПРВ ПОГЛЕД

Погледнете ги околните места