Извонреден концерт на Trio Dolce во "Света Софија"

На  10. септември  во  "Св.Софија"  во чест на јубилејот на Митрополит Дебарско-кичевски Г-дин Тимотеј, се одржа целовечерен концерт на "TRIO DOLCE", на кој  гостуваше Штец/псалт Андреј Ристов Иваноски.



Trio Dolce е состав од три извонредни дами -  Светлана Богданоска- Ристоски на флејта, Андријана Дукоска на виолончело и Марија Шамоска- Буџаковски на пијано.
 
Овој музички состав е формиран во 2016 год. Поддржани од Министерството за култура на Р. Македонија, активно концертираат во многу градови низ нашата држава (Битола, Прилеп, Штип, Гостивар, Охрид, Кавадарци, Валандово, Велес).

Во изведувачкиот опус може да се најдат и се опфатени композиции од сите временски епохи.



TRIO DOLCE, во периодот јануари/февруари 2021 год.  ја освои Првата награда – LAUREATЕ, на меѓународниот уметнички фестивали во Италија - „Future Stars“ на фондацијата Sopravista International Festival – Contest, во категоријата Инструментална музика. Во месец септември 2021 год. TRIO DOLCE ја освои Втората награда, во категоријата Инструментална музика за камерни состави на еден од најпрестижните Меѓународни музички натпревари во Москва, Русија -  International Moscow Music Competition / Second prize winners. Во месец декември 2021 год. TRIO DOLCE ја освои Првата награда  „LAUREATE“ на INTERNATIONAL ONLINE CONTEST "PROMETHEUS" - Р. Италија.

Во месец август 2022 година, реализираат целовечерен концерт на Фестивалот „Festival Musicale delle Nazioni“ во Teatro di Marcello во Рим, Италија.


 
Светлана Богданоска Ристоски е родена во Охрид, каде што  се запишува во О. У.,, Методи Патче"-Охрид (класа: Н. Момировска). Образованието го продолжува во Средното Музичко Училиште во Битола (класа: П. Талевски) и Факултетот за Музичка Уметност во Скопје (класа: Б. Станковска). Се усовршува на работилници и мастер-класи кај: Илија Зимбо (со кого има долгогодишна соработка), Луис Меирелес, Пјер Ив Арто, Гаспар Оџос, Џазмин Чои, Лаура Леваи Аксин, Дамјан Крајачиќ др. Има учествувано на државни и меѓународни натпревари и  ги има освоено следниве награди: Втора награда (прва не беше доделена),  "Млади Таленти" - Сан Бартоломео ал Маре, Италија; Прва награда-Државен Натпревар; Прва награда (клавирско трио) - Државен натпревар за камерна музика; Прва Специјална награда - Државен натпревар; Прва награда - "Музички натпревар за млади" - Приштина  и др.  Во моментов работи како наставник по Музичко Образование во ООУ,, Дебрца"-Општина Дебрца и Професор по флејта во Музичкото Училиште во Струга и е студент на Втор циклус студии: Образование на надарени и талентирани на Педагошкиот факултет во Битола.



Андријана Дукоска е родена во 1987 година во Прилеп. Средно Музичко училиште завршува во 2006 г. во Битола, во класа на Проф. Панде Тунтевски, како музичар изведувач – Виолончелист. Своето Високо образование го продолжува на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, во класа на Проф. м-р Живко Фирфов, а го завршува во 2010 г. со највисока оценка, со што се закитува со титулата Професор по Виолончело. Учествувала на повеќе државни натпревари и е добитник на: втора државна награда за соло виолончело во 2004 г. и прва државна награда за камерна музика во 2005 г. Учествувала на мајсторски часови и семинар кај светски познатиот и маестрален виолончелист Јоханес Мозер – Германија. Настапува на многу значајни и културни манифестации низ државава, соло изведби на свечено отворање изложби и промоции на книги, бројни настапи како член во гудачки квартети, камерни и симфониски оркестри и е добитник на повеќе први меѓународни награди (LAUREATE) во Италија и Русија, како член, виолончелист во пијано-трио „TRIO DOLCE“, со кое реализирале целовечерен концерт на Фестивалот „Festival Musicale delle Nazioni“ во Рим, Италија. Работела како Наставник по Музичко образование и Оркестар во повеќе основни училишта во Прилеп, а член е и еден од основачите на Црковениот хор „Св.Петка“ во Прилеп.



Марија Шамоска Буџаковски е родена во Битола, каде го завршува основното и средното музичко училиште,во класата на м-р Ана Стефановска. Потоа се запишува на факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на м-р Милица Шперовиќ - Рибарски, кај која ги завршува и магистерските студии и се стекнува со звањето Магистер. Учествувала на повеќе државни и меѓународни натпревари и е добитник на повеќе награди. Учествувала на семинари кај познати пијанисти. Настапувала на повеќе значајни културни манифестации како: ”Денови на македонската музика”, ”Денови на полската култура во Македонија”, ”Ресенско културно лето” ”Денови на битолска ликовна колонија во Скопје", ”Музички вторник”, ”Хераклејски вечери”, ”Интерфест”, ”Битолско културно лето”, “Прилепско културно лето” и др. Моментално работи како професор по пијано во Државното музичко училиште во Битола.  Во 2017 и 2018 година одржала сопствени семинари и предавања на теми од областа на пијанизмот и пијанистичката педагогија во склоп на “ЕПТА” пијано – фестивалот и во склоп на културната програма на О. Новаци. Дел е од основачите на здружението на пијанисти и музички педагози ”Пијано” и го организира меѓународниот натпревар по пијано “Пијанофест” - Битола, а исто така, здружението активно организира различни случувања од областа на пијанизмот и класичната музика.