Започна единаесеттото „На зајдисонце“ во Трпејца

Синоќа на свечен начин во присуство на голем број посетители – туристи и мештани во Трпејца беше отворено единаесеттото по ред издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“ 2022.

Манифестацијата во името на покровителот Општина Охрид ја отвори Перчо Божиноски, советник во советот на општина Охрид и претседател на Комисијата за одбележување на празници и манифестации. 




-Ми причинува особено задоволство што вечерва сум тука со Вас и што имам чест во името на Локалната самоуправа да го означам почетокот на оваа традиционална манифестација, која 11 години по ред го разубавува летото во Трпејца. Престојот овде, во овој живописен амбиент на брегот на Охридското Езеро, што плени со најпрекрасните пејсажи кои природата секојдневно ги подарува, носи едно неописливо чувство на мир и хармонија, рече Божиноски. 

Тој упати честитки и благодарност до организаторите за трудот и посветеноста, со надеж дека оваа манифестација ќе продолжи да се одржува и во иднина и кажа дека општина Охрид секогаш е подготвена да даде поддршка на вакви проекти кои се во насока на збогатување на културните содржини и промоција на туристичките потенцијали.

-Со сета своја уникатност, оваа крајбрежна населба е своевидна атракција, која незапирливо го привлекува вниманието на гостите и туристите, а ваквите настани само ја надополнуваат и ја збогатуваат туристичката понуда. Сигурен сум дека и оваа година културно-забавното лето во Трпејца ќе понуди сплет од креативна сценска програма, со уметнички, спортски и едукативни содржини, кои ќе привлечат многубројна публика, рече Божиноски.


Првата вечер од манифестацијата на присутните им понуди ретка можност за средба со уметникот Мајкл Клос и неговата сопруга Менка кои живеат и творат во Канада.



Клос е познат канадски и светски уметник, дизајнер и филмски лик  со македонско потекло. Во 2015 година Клос имаше своја изложба во Трпејца и  на неколку години, тој настојува да биде во Охрид и да се дружи на ликовни колонии со нашите уметници и да ја шири неговата уметност која има и непрекината хуманитарна димензија.

Присутните на отворањето уживаа во настапот на бендот „8 Баллс“ од Охрид.



Вечерва од 20:30 часот следи гостувањето на Младите од Црвен крст Охрид со поетско- музичкиот перформанс „Треба да бидеме подобри“ .

Избор поезија од македонски автори со која се покажува борбата на човекот со различни искушенија. Перформансот нѐ води низ безнадежноста, очајот и рамнодушноста, но и човековата борба сепак да се исплива и да се биде подобар човек.

Учествуваат: Димитар Назифовски, Теа Петковска, Ангел Карали, Адела Абас, Мелани Котоска, Петар Алчески и Филипа Мијалкова. Избор на стихови и режија: Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц.
Терминот во петок 22 јули во Трпејца  е резервиран за поетесите – сестрите  Вера М Самарјанин, Марика Тапанџиева кои во јавноста се познати и по своите хуманитарни дела а со нив ќе настапи и познатиот пејач Драган Мијалковски.