Научниците тврдат: за најголем дел од луѓето витамините и другите додатоци во исхраната се фрлање пари

Американската работна група за превентивни услуги предупредува дека нејасно е дали додатоците во исхраната и витамините помагаат во заштитата на организмот од рак или кардиоваскуларни болести, а еден вид додатоци всушност може да го зголеми ризикот од рак.

Повеќе од 50% од возрасните во САД земаат витамини и додатоци во исхраната и многумина од нив веруваат дека тие се многу битни за нивното здравје и ги пополнуваат празнините во исхраната.

Новите откритија на научниците ја доведуваат во прашање тквата перцепција. Американската работна научна група се состои од 16 независни медицински експерти и дава насоки за превентивни здравствени мерки како што се прегледи, советодавни услуги и лекови. За да ги дадат најновите препораки тие прегледале 84 студии за користење на додатоци во исхраната, од кои 54 се објавени откако групата последен пат издала упатства за додатоците во исхраната во 2014 година.

За најголем дел од луѓето кај додатоците во исхраната и витамините, вклучувајќи и комбинации како мултивитамини, не најдовме доволно докази за да ги советуваме за или против нивна употреба во превенцијата на кардиоваскуларните болести и ракот, вели потпретседателот на групата, Мајкл Бери.

Работната група посебно не препорачува додавање витамин Е и бета-каротен во исхраната. Утврдено е дека додавањето витамин Е нема позитивни ефекти во спречувањето на прераната смрт, кардиоваскуларните болести и ракот. Доказите упатуваат и на тоа дека бета каротенот, пигмент кој во телото се претвора во витамин А, може да го зголеми ризикот од рак на белите дробови кај луѓето кои пушат или биле изложени на азбест.

Работната група појаснува дека овие нови препораки не се однесуваат на луѓето со недостаток од некој витамин и минерал или на луѓето кои планираат бременост. Но, за најголем дел од луѓето додатоците во исхраната и витамините веројатно се губење време и пари, велат коментарите на истражувачите од Универзитетот Нортвестерн во Илиноис.

(New Scientist)

(фото: Flickr)

 
www.inovativnost.mk