Од кујната на Виолета - полнети погачици

Денес, во нашата кујна, Виолета ни подготви уште еден од ризницата на интересни рецепти. 

Полнети погачици можете да подготвите на брз и едноставен начин, кој секако, нема многу да ве чини. 

За подготовка потребно е:

300 ml млеко 
100 ml масло за јадење
1 шолја кисело млеко
1 лажица сол
1 лажица шеќер 
1 квасец 
Брашно 

Од наведените состојки се меси убаво тесто и се остава да надојди. Од стасаното тесто се кинат топчиња како за кифли и се ставаат во тепсија врз хартија за печење, оддалечени едни од други, па се наплескуваат со рака. Погачиците се оставаат да стасуваат околу 20 минути, а потоа со помош на мала чашка во средината  се прави вдлабнатина за филот. 

За фил е потребно сецкан спанаќ, 200 грама рендана шунка, 100 грама рендано сирење и 1 јајце. 

Вака филуваните погачици се премачкуваат со изматено јајце и се печат додека убаво поруменат.