Панел дискусија за промоција на едрењето и заштита на езерото

Во пресрет на утрешното одбележување на Денот на езерото, денес во Општина Охрид, во организација на Едриличарската федерација на Македонија и амбасадата на ЕУ, под мотото “Запознај го едрењето, заштити го езерото“, се одржа панел дискусија на која присуствуваа повеќе претставници од институциите и невладини организации.

Претседателот на Едриличарската федерација на Македонија, Будимир Соколовиќ, во своето излагање ја истакна атрактивноста на едрењето и минималното влијание врз езерото и живиот свет, истакнувајќи дека Охрид во иднина треба да се стреми кон наутички туризам. Моторот се едрата, а ветерот е погонот на едрилицата, рече Соколовиќ, потенцирајќи дека нема поеколошка активност на езерото и негова заштита, од пловење со едрилица.

На панел дискусијата свое излагање имаше и незaвисниот експерт за заштитени подрачја Даниел Богнер, кој ја истакна потребата од итна институционална сеопфатна заштита на езерото, со план за одржливо користење на неговите ресурси, при тоа незанемарувајќи ја потребата од економски развој и просперитет на целиот регион.

Градоначалникот Кирил Пецаков ја поздрави иницијативата на Едриличарската федерација и истакна дека пред локалната самоуправа стојат низа предизвици во однос на заштитата на езерото.

Тука пред се мислам на Планот за управување со Охридското крајбрежје, што треба да го изработи Министерството за транспорт и врски, во кој ќе се дефинираат многу сегменти за ползување на крајбрежјето, вклучувајќи ја и изградбата на толку потребната Марина за пловните објекти. Се разбира ни треба нова,  издржана, вистинска стратегија за туризам, во која ќе се дефинира правецот во кој ќе се движи Охрид во иднина – истакна во својата дискусија Пецаков, во која ја спомна и законската можност во иднина сите пловни објекти да бидат електрифицирани.

Директорката на Хидробиолошкиот завод, д-р Орхидеја Тасеска, ја поздрави иницијативата и како што рече од научен аспект, секоја активност на езерото која има минимално влијание врз флората и фауаната вреди да се поддржи. Во таа насока, едрењето со сигурност е актовност со најбенигна форма врз  живиот свет во езерото.

Во дискусијата учестувуваа и претставници на повеќе невладини институции, искажувајќи ја својата загриженост за состојбата на езерото, барајќи што поскоро квалитетни законски решенија за негова заштита.

Дискусијата заврши со покана од претседателот на Едриличарската федерација Будимир Соколовиќ, утре сите да се приклучат на малата едриличарска регата, која е дел од програмата за одбележување на Денот на езерото.

 

 

Извор: www.ohrid.gov.mk