"Важни се луѓето" е пораката на "Љубопитното девојче" насликано на ѕидот во градината на ОУ "Григор Прличев"

Порака, шарени бои, љубопитност, детска фантазија, симбол... се само дел од особините на ремек делото ЉУБОПИТНО ДЕВОЈЧЕ кое е насликано на училишниот ѕид во Сензорната градина на ОУ "Григор Прличев".
Со пораката "Важни се луѓето" како дел од проектот "Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран", финансиран од ЕУ, со која раководи фондацијата "Чекор по чекор", повторно главна цел е инклузијата и подигнувањето на свеста за еднаквост со различните.
Овој прекрасен мурал е симболичен подарок за крајот на учебната година од Халкбанк АД Скопје која испраќа вакви важни општествено - одговорни пораки преку јавни простори.

21 квадратен метар се оплеменети со акварелен ракопис од рацете на уметникот Трајче Павлов кој вели: Водата, детската љубопитна желба да се згазне во неа. Нејзината ладност или топлина, длабочина и убавина ме врзуваат со инклузијата и емпатијата за различните од нас. Да, ќе се наводениш, но ќе ги видиш нештата и од другата страна. Секој различно гледа на различностите.