Промоција на романот "Заследи ме" од Јордан Коцевски во Скопје

Неодамна, од печат излезе романот „Заследи ме“ од Јордан Коцевски. Романот е издаден во рамки на едицијата „Индиго“ на ПНВ Публикации. Дизајнот на корицата е дело на илустраторот Марио Каев. Издавањето на романот е поддржано од страна на Министерството за култура.

Веднаш по излегувањето од печат, романот беше промовиран саботата, на 11-ти јуни во кафе и бар „Шила“  во Охрид ‒ родниот град на авторот. Промотор беше Мерсиха Исмајлоска.



„Заследи ме“ ќе ѝ биде претставен и на скопската публика, на 16-ти јуни од 20 часот, на платото пред Младинскиот културен центар ‒ Скопје. Промотор ќе биде Златко Ѓелески, а разговорот со авторот ќе го води Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на ПНВ Публикации.

„Зафаќајќи се со современа тема, Коцевски си игра со логиката на денешната култура, која и тоа како е моделирана од социјалните мрежи. Марина, главниот лик, позната инфлуенсерка, ќе се најде во ситуација во која ќе мора да ги преиспита своите вредности и вредностите што ги пропагира на нејзиниот Инстаграм профил. Низ процесот, таа освестува елементи на ’сајбер булинг‘, на семејно насилство, па и на лицемерие, што една ваква активност ги поттикнува. Со тоа, Коцевски суптилно зборува за одговорноста на инфлуенсерот, но и за тоа колку за инфлуенсерството може да се зборува како за вистинска професија.

Ненаметлива и со доза хумор, ’Заследи ме‘ го продолжува трендот на Коцевски, кој со романот ’Тегли‘ веќе ја најави неговата поетика на трилерот. Со леснотија, тој успева да фрли светлина на не толку пријатни нешта. На површина излегуваат многу прашања врзани со интригата, со лицемерието, и со сите лажни облици на денешното живеење, а Коцевски успева вешто да ги разобличи, за на читателот да му понуди четиво што и покрај својот обем е лесно читливо и заводливо“ ‒ Мерсиха Исмајлоска.



 Јордан Коцевски (1983, Охрид) докторирал на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Автор е на збирката раскази „Време за живеење“ (2001), на една стрип антологија во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“ (2014), а со истиот илустратор ја издаде и графичката новела „Витези од соседството“ (2016). Добитник е на две награди за стрипот “Our Eden”, додека неговата книга „Прозорецот“ беше наградена и објавена во електронска форма од страна на „Фондација Македоника“ во 2016 г. Во 2021 г. го објави и својот прв роман „Тегли“ во издание на „ПНВ Публикации“. Неговите кратки стрипови, како сценарист, се објавени во повеќе списанија за стрип во земјата и во странство. Автор е и на триесетина научни и стручни трудови од областа на туризмот и угостителството. Тој е главен и одговорен уредник на „(е)Лит“, електронско списание за книжевност и друга уметност.