Мобилни тимови на Црвен крст Охрид за поддршка на стари лица

На територијата на Општина Охрид активен е мобилен тим на Црвен крст Охрид за поддршка и помош на стари лица на возраст над 65 години, кои имаат потреба од набавка на основни животни производи, а не се во можност тоа сами да го направат.

-На барање на нашите постари сограѓани,  мобилниот тим на Црвен крст Охрид, еднаш неделно ќе врши набавка на прехрамбени производи, средства за хигиена, лекови и сл. и ќе ги доставува набавените производи до домовите на граѓаните кои побарале асистенција. Граѓаните со сопствени средства ќе го надоместуваат трошокот за набавените производи, а услугата на тимот за набавка и достава на производите е бесплатна. - истакнуваат од Црвен крст Охрид. 

Услугите на мобилниот тим ќе бидат достапни секоја среда од 10 до 16 часот. Нашите сограѓани, на возраст над 65 години, на кои им е потребна поддршка од мобилниот тим, можат да се јават во Црвен крст Охрид, секој работен ден од 9-15 ч., на еден од телефонски броеви 046 261 909 или 070 315 309, за да ги остават потребните податоци.

Мобилниот тим на Црвен крст Охрид, за поддршка на стари лица го сочинуваат волонтери на Црвен крст Охрид, а поддршка за активностите на овој тим е обезбедена од Општина Охрид, во рамките на проектот „Заедно – активни и солидарни“.