Денес е празник на Македонските просветители - Светите браќа Кирил и Методиј

Свети Кирил и Свети Методиј се браќа родени во Солун во IX век, кои станале мисионери на христијанството помеѓу Словените од Голема Моравија и Панонија. Преку нивната работа тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени, поради што ја добиле титулата Апостоли на Словените. Тие се заслужни за изумување на глаголицата, првата азбука искористена да се препише старословенскиот јазик.

 По нивната смрт, нивните ученици ја продолжуваат нивната работа и дејност помеѓу Словените. Двајцата браќа се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата Еднакви со Апостолите. Во 1880, Папата Лав XIII ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква. Во 1980, Јован Павле Втори ги прогласил за созаштитници на Европа, заедно со Бенедикт Нурсијски.

 Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. За животот и дејноста на словенските просветители најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“ и „О`писменех“ од Црноризец Храбар.

 Кирил и Методиј се родени во Солун во угледно и богато византиско семејство, татко Лав и мајка Марија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а најмладиот Константин во 826/27 година.

 За постариот брат Методиј многу малку се знае. Името Методиј го добил во монаштво. Завршил највисоки школи во Константинопол и ја избрал воената служба. Десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето“). Но, ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп (Мала Азија) каде што се закалуѓерил. Подоцна, во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин, со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската.

 Константин пак, познат под монашкото име Кирил, уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето поради што бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград која што имала ранг на денешен универзитет. Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер (Илијадата и Одисејата), дека ги учел сите филозофски науки кај Лава и Фотија, дека учел реторика, артиметика, астрономија, книжевност, сите елински уметности итн. По завршувањето на школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор. По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа, па така станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот филозоф.

Сепак, за двајцата браќа најважна е Моравската мисија, која што е важна и за иднината на сите Словени. Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, побарал да му испратат луѓе кои ќе го проповедаат Божјото слово на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата)  и за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.
 
  Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи.