Ученици од ООУ "Христо Узунов" маршираа против врсничко насилство

Ученици од  ООУ  “ Христо Узунов  “ – Охрид  беа дел од активностите во рамките  на  Erasmus + проектот насловен “ Becoming BULLY-proof and BULLY-less”.

Со својот вчерашен марш учениците беа  дел од организацијата на одржлив јавен настан составен од разновидни активности со кои преку интердисциплинарен пристап  влијаат на зголемување на  свеста за врсничкото насилство.

 Во изминатиот период, учениците интензивно учествуваа на практични работилници со цел да се стекнат со соодветни вештини и во иднина да можат навреме да препознаат различни видови на врсничко насилство и да стекнат подлабок увид за влијанијата, факторите на ризик и долгорочните ефекти кај насилниците и жртвите. Дизајнираа постери, флаери, инфографици, создадоа сопствена химна и положија свечена заклетва за спречување на врсничкото насилство.

Учениците изработија и компјутерска игра за заштита од сајбер насилство како и ѕидови за споделување на нивни изработки и мотивациски пароли за ширење на емпатија, љубов и разбирање, за инклузија и толеранција.



ООУ „Христо Узунов“ како апликант и учесник во Европската програма Еразмус+ KA101 за обука на наставен кадар доби грант  за проектот и  тројца претставници учествуваа на  обука на тема „ Како да се спречи врсничко насилство и сајбер насилство во училиштата и да се промовира социо-емоционално учење”, во Болоња,  Италија. На седумдневната обука во февруари се разменуваа добри практики, се дискутираа предизвиците со колегите од други европски држави и обучувачите на темата и се создадоа услови за меѓусебна соработка со стручни лица, засегнати страни  и организации кои работат во областа на образованието во Европа и во иднина.

-Свесни сме дека причините за зголемениот број на инциденти се од различна природа и често не лежат во училницата. Наша должност како едукатори е да се делува на различни нивоа и да се вклучат сите засегнати страни во процесот на образование кон искоренување на овој горлив проблем кај младите. Наставниот кадар од градот ќе има можност преку професионален развој да се стекне со идеи за нови алатки, методи и стратегии за создавање на позитивна училишна средина која ќе развие социо- емоционално учење. Потребно е учениците да стекнуваат компетенции за разбирање и справување со емоции, покажување на емпатија, воспоставување на  позитивни односи во заедницата, поставување и исполнување на индивидуални и колективни цели, решавање на конфликти  и носење на одговорни одлуки. Со прифаќање и почитување на различностите и личните потреби на другите ќе бидат подобри граѓани на локалната и глобална заедница и подготвени за полесна адаптација кон брзите промени што ги носи денешницата. - изјави Елена Ничевски, координатор на проектот.