Ѓурѓовден – празник на природата и животот

   Денес се празнува природата, вегетацијата, животот воопшто


  Ѓурѓовден е најголемиот христијански празник од пролетниот циклус којшто е непроменлив  и секогаш се празнува на 6 мај.. Овој празник го празнува не само христијанското, туку и целото население воопшто. Има голема традиција во словенските земји, меѓу кои и во Македонија, што значи дека неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

  Бидејќи Ѓурѓовден е голем празник, тој во некои се слави и како национален празнии и како празник патрон на некои држави и градови. Свети Георгиј е патрон на Грузија, чие име и го носи, на Москва, Англија, Каталонија и сл. На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето. Овој празник има многу сличности со други празници кај разни народи во разни периоди од развојот на човештвото воопшто. Така на пр. има многу сличности со римскиот празник Палилија (21 април) кога Римјаните ги кителе стоката и шталите со зелени гранки, а овчарите на богот Палес му принесувале жртви за тој да ги заштити и луѓето и стоката од разни несреќи и да обезбеди напредок. Празници според обичаите слични на Ѓурѓовден можат да се сретнат и кај некои други народи. Така на пр. Литванците во 16 век  на 23 април  му принесувале жртви на богот на пролетта, растенијата и зеленилото.


 
  Кај Македонците со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна поговорка се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред се, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција. Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поседуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл. Таму во групи девојки, млади невести или постари жени ги изведуваат билјарските обичаи и ги пеат билјарските песни. Овој ритуал е најистакнат во Западна Македонија, подеднакво исто и кај Македонците Христијани и кај Македонците Муслимани. .
 
Кинисал ми свети Ѓорѓија,
Кинисал ми на ден Ѓурѓовден,
кинисал ми на потка да одит,
да запотнит нивје и ливаѓе.
Кога беше сред поле широко,
Ги сусрете она суро ламја,
тој е извај него остра сабја,
Е пресеже она сура ламја.
Потекоа три силни порои,
Први порој се бела пченица,
Други порој она рујно вино,
Трети порој се руди јагниња




фото: Лидија Стефановска
         Александра Крстевска