Денес се празнува споменот на Света Лидија Македонка

 Света Лидија е македонска светица, првиот христијанин во Европа, покрстена од Апостол Павле.

 Лидија била камен-темелник на Црквата во Филипи кај денешното село Рахче, Кавалско во Егејска Македонија. Во триесет и првата година пред Христа, градот Филипи станал римска колонија, од страна на царот Октавијан Август кој кон името на градот додал дека е негова колонија. За да го засили римското влијание во Македонија, тој таму преселил многу значајни граѓани од Италија, и во Филипи поставил римски гарнизон и на жителите им ги дал сите права на Римајни. Првата христијанска црква, кога христијанството се пренесувало од Азија во Европа, била формирана во Филипи. Тоа се случувало во педесет и првата или педесет и втората година на почетокот на второто мисионерско патување на светиот Апостол Павле (51-54 година), коешто е опишано во Делата на светите апостоли.
 
Во Светото Писмо се говори дека свети апостол Павле во Троада имал видение на еден човек Македонец кој го молел и му велел: Премини во Македонија и помогни ни! Евангелистот Лука во Делата запишал дека разбрале дека станува збор за Божја промисла таму да се проповеда Евангелието. Црквата во Филипи била првата Европска црква што ја основал апостол Павле. Светиот апостол ќе рече: Македонските христијани, доброволно, со љубов и дарежливо милостдие, материјално го помогнаа делото на Господ Бог.
 
Света Лидија е камен темелник на Црквата во Филипи. Таа е прва личност која што била крстена од страна на апостол Павле на европско тло и затоа се прославува како прва христијанка – Европјанка. Крштевањето се случило во рекичката кај денешното село Маџар Чифлик, на подоцна преименувано во Лидија во нејзина чест. Била богата и побожна жена, омажена во градот Филипи, а потекнувала од малоазиска провинција, од градот Тијатир кој бил македонска колонија. Лидија била продавачка на порфир, скапоцени црвени ткаенини кои се изработувале во Азија, а европјаните ги користеле за своите богати облеки. Градот Тијатир бил прочуен по бојадисувањето на ткаенините со природни црвени бои на порфирот. Лидија тргувала со порфирот (црвено боило) којшто бил употребуван за благороднички облеки, бидејќи во Филипи имало воени ветерани, и градот бил богат. Нејзиниот сопруг не се спомнува па се смета дека е вдовица. Се мисли дека била прозелитка, но го почитувала Бога, па го напушта многубоштвото и се покрстува таа и нејзините поблиски роднини.
 


Извор: Википедија