"Стоп за трговија со луѓе" - едукативен перформанс на младите волонтери од Црвен крст Охрид

Младите волонтери на Црвен крст Охрид од Клубот на млади, како сертифицирани врснички едукатори за трговија со луѓе, осмислија и реализираа едукативен перформанс за превенција од трговија со луѓе, кој денес, како герила-акција го изведоа во дворот на гимназијата ОСУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид.

Целта на овој перформанс беше да се  покрене свеста кај младите и тие да се едуцираат за овој социјален феномен на модерно ропство, ризиците и ужасите на тргвовијата со луѓе, но и за начините како да се заштитат.



Учениците и професорите настанот го следеа од прозорите на своите училници, а можеа да видат три сцени на кои врсничките едукатори на Црвен крст Охрид прикажаа жртви на сексуална експлоатација, на трговија со деца и експлоатација на труд. Во позадина, раскажувачот ги информираше гимназијалците со најважните податоци и опасности околу трговија со луѓе.



Пораката за младите беше јасна и силна: „Како да се заштитите? Темелно изтражувајте и распрашувајте се за понудите за работа, патувања и размени. Секогаш имајте копии од вашите документи кај семејството. Бидете внимателни при запознавање непознати луѓе, во непознати места. Кога сте во странска држава, а особено на екскурзии, не се делете од групите и не одите на непознати места. Избегнувајте ризични облици на однесување. И најважно – ИНФОРМИРАЈТЕ СЕ И ОСТАНЕТЕ ЕДУЦИРАНИ!“