Православните верници во петоците од Велигденските пости во црква принесуваат петолебие. Што е петолебие?

Во текот на Великиот пост, во петоците кога се чита Акатистот на Пресвета Богородица, верниците носат петолебие (пет лепчиња), вино, масло и пченица за благослов на семејството, градот и државата. Светите отци за Петолебието велат:


„Овој, пак, благословен леб има разни дарови, ја прекинува температурата, кога се прима со вода, ја прогонува секоја ужасна слабост, и кон рожба поттикнува“. Слично зборува и свети Симеон Солунски: „На оној кој ги прима со вера (лебовите и виното), му пренесуваат благодат, исцеление и други дарови“.

Во древната Црква ја следеа оваа пракса на благословување на леб или масло или вода за болните пред конечно да се формира таинството на Елеосвештение, како што го знаеме денес. Во молитвословот на Серапион, епископот Тмуитски (во Египет, од IV век) постојат две молитви кои се поврзуваат со „различни дарови“, „секоја немоќ“, „душевно исцеление и телесно лекување“, која доаѓа „после примање на водата и лебот“.

 

Се наведуваат молитвите: „…Дарувај им на твоите созданија сила за исцеление, како и секој оган (температура) и секој демон и секоја болест преку пиењето и помазувањето да се отстрани, и да стане лек за исцелување и за лекување…“, „та да се испрати од небесата сила исцелителна од Единородниот врз овој елеј, за да биде за исцеление на секоја болест и прогонување на секоја немоќ на сите кои се помазуваат (или го примаат), да биде лек за прогонување на секој демон, за отстранување на секој нечист дух, за протерување на секој лукав дух, за прогонување на секоја висока температура и треска и секоја болест, за добро и за простување на гревовите, за лек на животот и спасението, за здравје и исцеление на душата, на телото, духот, за совршена сила. Нека се исплаши, Владико, секое дејство сатанско, секој демон, секоја измама на непријателот, секоја рана, секоја напаст, секоја болка, секој удар или потрес или лукаво заплашување…“.

Слична е и „молитвата за благословување на леб за исцеление на болните“, која доаѓа од некои мали молитвослови (требници, евхологии), каде што лебот се благословува за душевно и телесно здравје и крепост, за да биде против секоја болест и закана за секој невидлив враг.

Значи, голем благослов е овој леб од петолебието, и треба да го примаме со вера. Но, да не го сведеме нашиот духовен живот само на обреди, туку должни сме како христијани да постиме, да се молиме, да се исповедаме, да се причестуваме, да доаѓаме редовно во црква, да бидеме почесто во друштво на ангелите и светителите кои се присутни во храмот, и тогаш сите обреди ќе дејствуваат на нас, ќе ни бидат за здравје и спасение. Амин.

Свештеник Јани Мулев

Извор: https://crkvaveles.wordpress.com