Во чест на Ретките - успешно реализиран проектот РЕТКОСТА ИНСПИРИРА (фото-галерија)

Денес, 28 февруари, се одбележува Светскиот ден на ретките болести.

Многу наши сограѓани, фирми, институции и поединци се вклучија во одбележувањето на месецот на Ретките, и со тоа дадоа поддршка за лицата со ретки болести.

По иницијатива и идеја на претседателот на Советот на родители при ООУ "Григор Прличев" – Охрид, Сашко Георгиески, во соработка со директорот, стручната служба, наставничкиот кадар, Ученичкиот парламент и родителите, беше реализиран дводневниот хепенинг РЕТКОСТА ИНСПИРИРА.


Во текот на двата дена, со многу љубов, креативност и оригиналност, учениците, наставниците и родителите покажаа дека човечкото срце чука исто кај секого и секогаш е утешно кога знаеш дека некој те разбира.

Првиот ден од проектот РЕТКОСТА ИНСПИРИРА учениците пишуваа пораки со поддршка за Ретките, а настанот насловен “Напиши порака – обои срце”  го оплемени училишниот двор со убави зборови.
Пораките стигнаа од сите 1087 ученици од училиштето, кои пишуваа за поддршка, љубов и еднаквост на Ретките. Во склоп на овие активности се одвиваше и наставата во училиштето, едуцирајќи ги учениците за тоа што значи да си Редок, и колку е важна грижата кон тие лица, која секако, не треба да биде ретка. Многу креации и ликовни творби се родија мотивирани од овој хепенинг.



 Родителите го отворија вториот ден од овој проект  со хепенингот ПЕТКА ВО БОЈА.

Бидејќи само за 5% од Ретките има лек, со обоени дланки, секој родител стави отпечаток ПЕТКА во боја, на ѕид во училишниот двор, во знак на поддршка на ретките борци.

Настанот продолжи со културно-уметничка програма на учениците, а специјални гости на сето ова случување беа претставници од Здружението за Ретки болести Охрид.



 Иницијаторот на целиот проект, Сашко Георгиески, задоволен од тоа како се одвиваа настаните, изразува надеж за што повеќе ретки дијагнози да се пронајде лек, и да се разбуди свеста за третирањето на истите.

Сашко вели: ”Никој не избира каков ќе се роди, најважно е љубов да се дарува!”. Оваа мисла беше негова водилка во организирањето и успешната реализација на настанот кој срдечно го поздравуваме – РЕТКОСТА ИНСПИРИРА.

Во продолжение преку неколку фотографии уживајте во убавините кои ги создаде овој настан.