Почина писателот и поет Тоде Илиевски

Денеска во Охрид по кусо боледување на 70 годишна возраст почина Тоде Илевски, поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист.
 
Тоде Илиевски е роден 1952 година во село Мраморец. Гимназија завршил во Охрид, а Филолошки факултет во Скопје.

Автор е на книгите: „Ведро едро” - поезија за деца, 1990  и „Концерт за шумите” - поезија,1992 г. „Изворите во горите” поезија за деца . 1999 г. „Зелен блен” – поезија, 2001 г. „Лов на Лебедовото Езеро“ – поезија 2008 г. „Приватните библиотеки во Охрид и Охридско“, ко-авторство со Виолета Мартиновска .„Липов чај” – поезија за деца, 2008 г. „Ќерката на поетот“ поезија, 2011  г. и „Јатките на загатките“  2017 г.
 
 Членувал во редакциите на „Јужен бран”, „Спизалит“ и „ Радосна вест”. Одделни песни му се препеани на други јазици. Тој преведува од словенските јазици. Објавил преку 9000 енигматски состави, претежно анаграми, палиндроми и ребуси.Најголемиот дел е публикуван во „Котелец” (рубриката „Пегаз“, а помалиот дел во  хрватски и  српски енигматски списанија. Застапен е во „Лексиконот на енигматичарите на Југославија“. (Бјеловар  1979) „Мал енигматски датумар” (Бјеловар 1983), како и во разни избори во енигматските списанија.
 
Објавил околу 450 шаховски проблеми во бројни специјализирани списанија за шах во 20 земји. Застапен е во Антологијата на македонскиот проблемски шах  и во  светската антологија  „Албум ФИДЕ”.



 Тоде Илиевски уште од гимназиските денови  учествувал и бил наградуван на литературни конкурси  во Македонија (1970 – 1975) и на Фестивалот на југословенската поезија на младите  (два пати избран  меѓу 500 учесници) во некогашен Титов Врбас 1971. 72 г. Добитник е на Повелба на Св. Климент (за творештво, 2002 г.). Награда на Празникот на липите за песна во 2003 и 2006 г. Награда на фестивалот „Славјанска прегратка” – Варна, 2008 г. Награда на издавачката куќа „Феникс” за кус расказ, 2008 г. Награда „ Ванчо Николески” за најдобра книга за деца за 2009 г. и Награда  „Игнација” на Балканскиот поетски фестивал „ Розите на Елбасан” – 2010 г.

Член на ДПМ беше од 1994 година. Живееше и твореше во Охрид. Еден период беше прв човек на Радио Дебар, од 2007 до 2011 г. беше директор на НУ . Библиотека „Григор Прличев” – Охрид од каде во 2018 г. и се пензионира.

Вработените во НУ Библиотека „Григор Прличев“ со неверување и тага ја примија веста за неговата смрт.

Во содејство со писателската фела од Охрид со оглед на Ковид -19 пандемијата Библиотеката дополнително ќе организира настан посветен на животот и богатото творештво на Илиевски.