Финска даде дозвола за најголемата нуклеарна централа во Европа

Финската агенција за нуклеарна безбедност даде дозвола за петтиот нуклеарен реактор во земјата да почне со пробна работа под ниска моќност.

Реакторот Olkiluoto 3 (OL3) треба да почне со редовно производство на електрична енергија во јуни 2022 година и ќе биде најголемиот реактор во Европа.

Се очекува тој реактор да ги зголеми енергетските капацитети на земјата за 1.600 мегавати, што би покрило околу 15% од потрошувачката на електрична енергија во Финска. За споредба, максималното производство на струја од ветрот во Финска изнесува 2.500 мегавати.

Со реакторот Olkiluoto 3 уделот на струјата добиена од атомски централи во финска ќе се зголеми на околу 40%. Реакторот е сместен на западниот брег на Финска и многу ќе ја зголеми независноста на земјата, која моментално увезува струја од Шведска и од Русија.

 

Проектот за изградба на реакторот од самиот почеток се соочувал со технички и правни проблеми околу трошоците на конзроциумот составен од францускиот концерн за нуклеарна енергија AREVA NP, кој сега се вика Framatome, неговата германска подружница AREVA GmbH и германски Simens.

Реакторот требало да биде завршен уште во 2009 година, со вкупни трошоци од околу 3,2 милијарди евра. Конечните трошоци за изградбата која заврши 13 години подоцна се проценуваат на 8,5 милијарди евра.

Во Финска голем дел од граѓаните ја поддржуваат нуклеарната енергија. Истражувањето кое го спровел Finnish Energy покажало дека околу 50% од Финците сакаат да се зголеми уделот на нуклеарната енергија во вкупното производство на електрична струја.

(Beta)

(фото: Pixabay)

 
www.inovativnost.mk