ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ СТРИП АЛБУМОТ „БЕСТРАШНИОТ“ ОД АВТОРОТ ДАРКО БОГДАНОВ

На македонската стрип сцена  се појави уште едно ново издание – стрип албумот „Бестрашниот“ на докажаниот и еден од најактивните стрип автори во државата Дарко Богданов.

Станува збор за детски стрип кој е создаден уште во далечната 2008 година, и кој првенствено требаше да излезе во издание на тогашниот бугарски издавач „ИЕКК Комикс“, но поради сплет од различни несакани околности изданието не беше реализирано. После многу години, стрипот конечно е презентиран пред читателите, осовременет со нов колор и збогатен дополнително со текстуален осврт и бонус материјали.



„Овој стрип според хронологијата на работите е всушност моето прво долгометражно завршено дело. Требаше да излезе како издание многу одамна, во друга држава и на друг јазик, но околностите во тоа далечно време за жал не дозволија. Потоа следуваа нови проекти низ годините, кои секогаш го ставаа „Бестрашниот“ во заден план. Но еве сега, конечно по 13 години чекање, стрипот е пред читателската публика, доработен и подобрен, со нов изглед“ - изјави Дарко Богданов.

Стрип албумот е во издание на Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“ -Охрид и е финансиски поддржан од Министерството за култура како дел од годишната програма од национален интерес.