Денес започнуваат Божиќните пости

  Од денес, 28-ми ноември, започнуваат Божиќните пости кои траат 40 денови, до големиот празник Рождеството Христово Божик, на 7-ми јануари.  

 Православната црква запишала дека Божиќниот пост е востановен за верниците да можат во пресрет на Рождеството Христово да се исчистат себеси со покајание, молитва и пост, и со чисти срца, душа и тело, благоговејно да Го пресретнат Синот Божји што се јави во светот, принесувајќи му го, наместо обични дарови и жртви, чистото срце на верниците и желбата за последување на Неговото учење.

 Секој пост има правила, во кои денови се пости стого, а во кои денови е дозволено масло, вино и/или риба. Верниците строго се придржуваат на црковните правила.

 Правилата на воздржание, пропишани од Црквата во Божиќниот пост се исто како и за Петровденскиот пост. Јасно е дека во времето на постот се избегнуваат месото, путерот, млекото, јајцата, сирењето. Освен тоа, Уставот вели дека во понеделник, среда и петок во Божиќниот пост не се јаде риба, вино и масло и дозволено е само примање на храна без масло. Во останатите денови – вторник, четврток, сабота и недела разрешена е храна со растително масло. Рибата за време на Божиќниот пост се разрешува во саботните и неделните денови, како и на големите празници, каков што е празникот „Воведение во храмот на Пресвета Богородица“, а исто така и на храмови празници и деновите на големите светии, но само доколку тие празници се паднат во вторник или четврток. Доколку празникот се падне во среда или петок се разрешува на вино и масло. Од 2 до 6 јануари  постот се засилува и во тие денови, дури и во сабота и недела рибата не е благословена.