Промоција на научнофантастичниот роман "Бунар оловни солзи" од Зоран Милошевски

Во сабота, на 16 октомври, со почеток во 19 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар – Скопје ќе се одржи промоцијата на книгата „Бунар оловни солзи“ ‒ вториот дел од научнофантастичниот серијал „Последна граница“ од Зоран Милошевски, во издание на ПНВ Публикации.

Промотор ќе биде Јордан Коцевски, а разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска.

Првиот дел од овој серијал насловен како „Истапени сечила“ беше издаден во 2019 г. Во овие книги се раскажува приказна што се одвива во првата половина на 22-от век, кога демократијата како облик на општествено уредување веќе одамна не постои и заменета е со неократијата, милитаристичко општество, чијашто главна и единствена цел е да се зачува планетата Земја и да се поттикне човековата еволуција. Во времето кога во Европа и Африка царува наследникот на античката Римска империја  ̶  моќната Медитеранска Унија, кога Азија ја делат Сесловенскиот сојуз и Синг Федерацијата... кога Јужна Америка е една огромна држава, а од пеплиштата на некогашните САД, се издига молчаливиот Тексашко-алигенски сојуз, во архипелагот острови кај некогашно Чиле, се раѓаат Големите Куќи. Главниот лик на серијалот, Анести Симон Рико, младиот центурион и поданик на Големата Куќа Рико, ќе се најде во беспоштедна борба за својот и за животот на неговите најмили. Борба против останатите Големи Куќи и мистериозното Братство на Интервентите, коешто има свои планови за иднината на човештвото. Борба што ќе ја измени историјата и ќе им даде сосема поинаков тек на настаните.



 Во вториот дел на серијалот ‒ „Бунар оловни солзи“, по падот на замокот Вечна карпа и поразот на Големата Куќа Рико, војводата Анести Симон Рико со преостанатите следбеници пронаоѓа прибежиште кај Големата Куќа Максимилијан. Тоа не ги спречува нивните заколнати непријатели, Големата Куќа Антона, да ги гонат до самиот крај на светот, сè додека последниот припадник на Големата Куќа Рико не е избришан. Втората книга од научнофантистичната авантура крие и изненадувања за овие ри­вали. Од пеплиштата на Вечноста се издигнуваат нови непријатели, подготвени на сè за да ја остварат својата цел. А, тука е и мистериозното Братство на Интервентите и нивните верни Сенки.

За серијалот Јордан Коцевски вели: „Исто како што Френк Херберт во својата ’Дина‘ предупредува на опасноста од ха­ризматичните водачи, Милошевски во ’Последна граница‘ предупредува на нешто исто толку опасно – на луѓето на кои не им е грижа, на оние на кои им е сеедно дали светот ќе изгори.“
 
Зоран Милошевски е автор и на научнофантастичниот роман „Сага за Тројство“ (2018, ПНВ Публикации).