„Гугл мапс“ ќе ги покажува рутите на кои најмалку се испушта јаглерод диоксид

Директорот на „Гугл“, Сундар Пичаи, изјавил дека ваквата иницијатива може да го спречи испуштањето на еден милион тони јаглерод диоксид, што е еквивалент на отстранување на 200.000 автомобили од патиштата, пренесува „Гардијан“.

„Гугл Мапс“ ќе им ја нуди на возачите рутата на која тие најмалку ќе испуштаат јаглерод диоксид од нивните автомобили. Оваа опција е дел од мерките за заштита на животната средина која ги воведува компанијата.

Моторџиите ќе можат да ја одберат рутата преку која ќе се испушти најмалку јаглерод диоксид, а предвид ќе се земат и сообраќајниот метеж и работата на патиштата. Новиот производ ќе биде достапен во САД од наредната недела, а во Европа од наредната година.

„Патувањето со автомобил е изборот со кој најмногу се испушта јаглерод диоксид, а изборот секојдневно го прават многу луѓе. Новиот проект започнува во недела во САД, а во 2022 ќе стигне и во Европа“, изјавил Пичаи.

Од „Гугл“ додаваат дека компанијата ќе го олесни и процесот на онлајн продавањето на автомобили, со што на купувачите ќе им бидат презентирани електрични и хибридни возила, кои ќе бидат споредувани со автомобилите кои користат фосилни горива.

Останатите еколошки мерки кои се воведени од компанијата се информации за испуштени штетни гасови при барањето на авионски летови, преку платформата „Гугл Флајтс“.

Од среда, корисниците ширум светот ќе можат да го видат количеството на испуштени гасови од сите летови, а ќе им бидат понудени и поеколошки авионски летови. Пребарувањето на хотели ќе вклучува и информации за тоа дали хотелот нуди еколошки и одржливи практики.

Од „Гугл“ најавија и промени при онлајн купувањето. Купувачите ќе бидат информирани за тоа колку се одржливи електронските уреди како машините за перење или бојлерите. Од компанијата уште во 2020 година изјавија дека ќе се насочат и ќе целат да се напојуваат со многу ниско ниво на јаглен до 2030 година.

„Климатските промени веќе не се далечна закана. Тие стануваат локален и личен ризик. Глобално, имаме повеќе пожари и поплави, а и други екстремни појави продолжуваат да влијаат врз нашето здравје, економијата и заедничката иднина на оваа планета. Потребни ни се итни и суштински решенија за да се справиме со овој предизвик“, изјавил Пичаи.

ИЗвор – Радио МОФ