Изградбата на новата трибина на стадионот "Билјанини Извори" во завршна фаза

Градоначалникот Константин Георгиески заедно со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини  направија увид на завршните градежни активности за изградба на новата трибина на Градскиот стадион „Билјанини Извори“ во Охрид.

Изградбата на трибината започна пред околу 17 месеци и до сега се финализирани сите поголеми градежни активности на надворешниот дел, поставена е покривната конструкција и поставени се седишта. Во моментот се изведуваат работни активности за уредување на внатрешни простории, кои се предвидени за вакви современи спортски објекти.

Вредноста на вкупната инвестиција е 1 милион евра.

– Ова е заедничка инвестиција на Општина Охрид и ФФМ. Ова е една голема придобивка за нашиот град, за развојот на спортот и обезбедување на посовремени условите за развој на спортски туризам. Во иднина е планирана изградба на уште една ваква трибина на стадионот „Билјанини Извори“, рече градоначалникот Георгиески, во рамки на теренската посета.

Тој истакна дека Општина Охрид постојано инвестира во развојот на спортот, а оваа година за помош и поддршка на спортските клубови и школи од општинскиот буџет се издвоени околу 27.500.000 денари.

Претседателот на ФФМ, Сејдини најави дека новата трибина се очекува да биде ставена во употреба на 7-ми септември 2021 година, со фудбалскиот натпревар помеѓу младинските репрезентации до 21 година на Република Северна Македонија и Република Србија .

Новата трибина на стадионот „Билјанини Извори“ има капацитет од 1480 седишта. Во нејзиниот централен дел се сместени вип седишта, коментаторска кабина и простор за медиумски екипи. Согласно проектот, во внатрешноста се уредуваат соблекувални, тоалети и други потребни простории.

Со цел да се подобрат условите на градскиот стадион, деновиве се изведува реконструкција и санација на главниот терен за фудбал, а со помош на ФФМ деновиве беа поставени и нови стативи.

 
Извор: www.ohrid.gov.mk